Македонија 30. јануари 2019. / 19:29

Дали Врховниот суд го ослободува Мијалков?

Дали Врховниот суд го ослободува Мијалков?

Врховен му зададе сериозен удар на СЈО, откако денеска одлучи дека ова обвинителство не смее да покренува предистраги по истекот на 18 месеци од преземањето на бомбите.

Десетици предистраги меѓу кои и за Скопје 2014, 18 истраги меѓу кои и „Попис“ за Ахмети, „Империја“ за Мијалков и Камчев и други лица, „Моќник“ за Антонио Милошоски, „Пациент“ за Бујар Османи, но и двете обвиненија за „Талир“ за финансирањето и седиштето на ВМРО ДПМНЕ, се доведуваат во прашање откако попладнево Врховниот суд на затворена седница одлучи дека СЈО не смее да ги продолжи, односно, дека не смее да покренува предистраги, истраги и обвиненија по истекот на 18-те месеци од преземање на бомбите, пренесе Телма.

Објаснувањето на Врховен е дека СЈО не може да го пречекори рокот од 18 месеци од преземање на материјалите од прислушуваните разговори кој се сметаше за истечен на 30 јуни 2017-та кога Јанева поднесе до судот 17 обвиненија.

– По истекот на тој рок од 18 месеци, (СЈО) не е овластен тужител за преземање на јавнообвинителски работи на предистражни и истражни дејствија, предвидени со Законот за кривичната постапка. – соопштија од Врховен суд.

Еден од двајцата адвокати подносители на иницијативата во Врховен, Еленко Миланов вели дека оваа мислење треба веднаш да почне да се применува.

Според експертите сега истрагите на СЈО може да ги процесуира редовното обвинителство. Но, Миланов потенцира дека нема да смее да ги користи бомбите како доказ. Државниот обвинител Љубомир Јовески вели дека нема да се меша во работата на СЈО. Доколку специјалната обвинителка иницира средба ќе разговараме и ќе ги разгледаме сите прашања во врска со предметите вели Јовески. Додава дека Врховниот суд излегол од своите надлежности.

– Врховниот суд може да одлучува само за прашања што се наметнуваат од единствената примена на законите. Во конкрентиот случај не станува збор за различно толкување на законите и затоа Врховниот суд во оваа фаза не требало да го решава ова прашање. Општата седница на Врховниот суд се ставила во улога да го толкува законот што е надлежност на Собранието што го донело. – вели Јовески.

Миланов пак има поинаков став вели тој не барал од Врховен да толкува закон туку дека иницијативата е поврзана со примена на законот.

Засега нема ниту реакција ниту одговор од СЈО, како ќе постапат по ваквото мислење на Врховен. Нема коментар ниту од Кривичниот суд. Ставот на овој суд ќе се препознае и според тоа дали ќе преземат нешто околу куќните притвори на Мијалков и Камчев и други осомничени во „Империја“.

Со колку гласа е донесена одлуката на Врховен која може да спаси десетици осомничени порнешни и сегашни функционери од Врховен не откриваат. Потврдија само дека за ваквото начелно правно мислење го поддржале големо мнозинство од 17-те присутни врховни судии.