Што го предизвика лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во рок од десетина дена да го смени ставот околу објавените аудио снимки, што се појавија на каналот јутјуб од авторот „Бошко Буха“? Менувањето ставови од негова страна не е никакво изненадување. Но, изненадување е тоа што првичната верзија беше обид да се релативизира содржината на разговорите како добра реклама на адреса на Заев од владини или партиски портпароли, сега се трансформира во отворено признание дека го снимал синот на советникот за национална безбедност, Зоран Верушевски, Александар.
За потсетување, снимките беа објавени на 9 мај и на нив, меѓу другото, се слуша како Заев го пцуе народот, како отворено се фали дека целиот невладин сектор и припадниците на „Шарената револуција“ се негови и други пикантерии и детали.
– Александар Верушевски е лицето кое ме снимаше летото во 2016 година на ручек кај мене во Струмица. Разговорот јасно ми покажува кој е тоа. Ние сме во добри односи, секој со својата одговорност. Тој така одлучил, така направил. Тој е мој пријател, но ете така одлучил така направил. Неговиот татко знаете е советник за национална безбедност и ми е голем пријател. Но, ете, Александар така одлучил така правел, рече Заев на последната средба со новинарите.
Според Заев, снимката била направена за време на ручек во ресторан во Струмица.
Можеби овој дел од изјавата на Заев ќе може да се сфати како обично признание ако не беше споменувањето на децата на Зоран Верушевски, што во извесна смисла добиваат призвук на отворена закана! И ни помалку, ни повеќе, туку директно кон младите Верушевски, но уште пострашно и кон таткото Верушевски, советникот за национална безбедност!
Колку и да се обидува Заев да ја минимизира целата работа, сепак на површина излегуваат безброј прашања кои секако бараат и свои одговори. Прво, кој бил мотивот младиот Верушевски да го снима семејниот пријател Зоран Заев? Второ, дали младиот Верушевски се одлучил на таков чекор самостојно и без знаење на таткото Верушевски? Трето, дали самото споменување на младите Верушевски и изразувањето „отворена љубов“ кон нив не е можеби во извесна смисла и предупредување и до нив и до таткото да не се обидуваат да играат на картата објавување снимени разговори во претстојното предизборие? Четврто, има ли Заев некакви сознанија дека навистина постојат и други такви компромитирачки снимки, што можеби се наоѓаат или кај младиот Верушевски или кај таткото Верушевски или во играта се и обајцата вклучени? Натаму, дали пораката на Заев не претставува сигнал дека евентуалното постоење други необјавени разговори, а уште повеќе нивното натамошно објавување ја доведуваат во прашање неговата лидерска позиција во владејачкиот СДСМ?
Неспорен факт е дека Заев дојде на власт со „бомбите“, што му ги даде таткото Верушевски. Се навестува ли можност нови „бомби“ да му ја запечатат судбината на Заев и да го елиминираат и од лидерската позиција во СДСМ, и од премиерските амбиции и од политичката сцена во земјата?
Ова дотолку повеќе, што се повеќе доаѓаат до израз и различните бранови должини меѓу Заев и претседателот на државата Стево Пендаровски, иако се прават максимални напори тие да не испливаат на површина.
Младиот Верушевски неодамна објави статус на фејсбук, што го пренесоа и многу портали. Во него тој пишуваше:
„За сите оние кои се чудат на новава власт – неблагодарна, шутрачка, вештачка недоквакана целина
За нивните постапки, неприлики, лаги, интриги, дворски игри за многу скоро време на сите ќе ви биде јасно
1.Зошто немаме систем
2.Зошто не функционира правната држава
3.Зошто нема однос према поединецот
4.Зошто све прокоцкаа
Само ќе ви кажам следно-порасипани луѓе од овие (секоја чест на исклучоци), повалкани, поискварени ѓаволски ситни души досега немало!!!
Од оваа временска дистанца останува нејсано дали овој статус на младиот Верушевски беше навестување за објавување на снимките.
Но, целата ситуација ќе има сосема поинакви димензии ако во заднината стои таткото Верушевски. Или заедничка комбинација на таткото и синот Верушевски.
Зоран Верушевски во своето професионално портфолио досега има забележано смени на две влади на ВМРО-ДПМНЕ. Првата во времето на Љупчо Георгиевски и втората на Никола Груевски. И двете беа извршени на сосема идентичен начин, преку „големото уво“ на тајната полиција. Сега, клучното прашање е дали е на повидок трето „големо уво“? Но, овојпат во центарот на вниманието нема да биде ВМРО-ДПМНЕ, туку СДСМ и внатрепартиски структури, кои не се задоволни од политиките на Зоран Заев, особено во степенот на попустливост во прифаќањето на ултиматумите, произлезени од договорите за добрососедство и (не)постоењето на македонизмот, македонскиот идентитет, јазик, историја, култура, традиција…