Дали учениците ќе се вратат во училишните клупи или ќе учат од дома пред компјутер? На месец и половина до стартот на учебната година надлежните се уште не знаат како ќе функционираат училиштата од септември.
Министерството за образование се уште не ги утврдило протоколите за тоа како ќе се одвива наставата ако од септември се дозволи училиштата да се отворат. Протколите допрва треба да ги достават до Комисијата за заразни болести, а тие, пак, сметаат дека одлуката за отворањето ќе зависи од состојбата со коронавирусот. За дел од експертите нејасно е како може се уште да не се знае како ќе тече образовниот процес од септември.
Владо Димовски, наставник: Ние секогаш се правиме во последен момент. Таквите протколи требаше уште во јуни да се подготват додека и професорите беа на работа и најдоцна до половината на август кога професорите ќе започнат да одат на работа да имаат време да се подготват и да започнат од септември.
Ако ширењето на вирусот продолжи со вакво темпо Министерството за Образование планира онлајн настава од септември. Сепак дел од експертите се сомневаат дека ваквата настава ќе даде позитивни резултати и квалитетно образование, а и самите анализи на МОН за време на корона кризата кога се учеше онлајн покажаа дека дури 30.000 ученици немале компјутер дома.
Владо Димовски, наставник: Нашето министерство проба таква опција и мислам дека не даде резултати. Прво квалитетна настава, второ квалитетни одговори, друга работа што е со предметите по физичко, техничко образование, што е со средните училишта кои што се со пракса, како тоа ќе се изведува. Друг проблем е тоа што онлајн наставата не може да се спроведе на целата територија, имаме училишта каде што уште нема компјутери и струја и друга работа како е замислено да се одвива наставата во прво одделение или пак наставата во средно училиште…
Училиштата и градинките се затворија од 10 март, како превентивна мерка за спречување на ширењето на коронавирусот, а учениците учебната година ја завршија онлајн.
Освен за училиштата не се знае ниту кога ќе се отворат градинките. Иако минатиот месец се направи скрининг на сите вработени а беа изготвени и посебни протоколи, надлежните се повлекоа од ваквата идеја и засега се уште нема одговор кога ќе почнат да згрижуваат деца.