Судот во Стразбур ѝ даде рок од 12 недели Владата да направи спогодби со луѓето кои се во процес на судење или осудени, а добиле прекин на постапките.
Европскиот суд за човекови права достави барање за спогодување и во однос на изречените притвори на Миле Јанакиески и Кирил Божиновски -генералниот секретар во Владата на Груевски, а се повикуваат на помилувањата на Ѓорге Иванов од април 2016, повлечени во мај истата година.
Основа за барањето за спогодување е поради две причини. Првата причина е што се спроведени во притвор без да бидат изведени пред судија на претходна постапка т.е од дома директно во Шутка што е спротивно на законот. Втората причина е поради тоа што е определен притвор за предмет каде се помилувани, а не смееле да бидат ниту обвинети.
Сопругот на Гордана Јанкулоска е потпишан како адвокат кој ги поднел тужбите против Македонија од Киро Тодоровски, поранешниот шеф во кабинетот на Јанкулоска, Миле Јанакиевски и Кирил Божиновски-генералниот секретар во Владата на Груевски. Постапката во ЕСЧП е отворена и од Владата се чека одговор и објаснување на неколку прашања.
– Дали Актот за помилување од 2016 чија цел беа конкретни лица беше од индивидуализиран карактер ? Со оглед на кусиот период на правото на Претседателот да го укине помилувањето издадено без редовна постапка, дали Законот за помилување од 2016 година е компатибилен со принципите на Владеење на правото и правната сигурност?, прашува ЕСЧП.
Во фокусот на тужбата е членот 6 од ЕКЧП. Тоа значи дека поранешните функционери се жалеле дека немале шанса на правично судење во скопскиот кривичен суд.
Конкретно, Миле Јанакиески е во притвор од јуни 2019 година за предметот „Шпански скали“ кој се уште не е ниту започнат откако беше прекинат поради истечен мандат за еден судија-поротник.
Oстанува да се види каков став ќе зазема нашиот Врховен суд кој се уште не се изјаснил по иницијативата за начелно мислење за аболицијата, односно дали таа важи или не и дали може да се повлече и да биде одземена. Доколку Владата не се спогоди со лицата кои се во процес на судење, или осудени, а добиле прекин на постапките најдоцна за три месеци ќе пресуди во корист на тужителите и тогаш нашите судови согласно измените и дополнувањата во Законот за судови од 2019 година се должни да ги применуваат. Во спротивно на судиите им се закануваат казни и санкции и разрешувања.
Дали преку помилувањето конечно ќе се укине двегодишниот притвор на Јанакиески, и мерките за Божиновски?
Нивните адвокати досега ги оспоруваа предметите и пред домашните судови повикувајќи се на тезата дека еднаш дадена аболиција не може да се повлече.
Правните експерти се согласуваат дека еднаш дадена аболиција не може да биде поништена. Конкретен пример за тоа е што Грција не дозволи екстрадицијата на поранешните функционери во МВР, Горан Грујовски и Никола Бошковски, бидејќи во Македонија ќе немале фер судење, но и ефектот од одлуката за помилување која не можела да се анулира, независно дали помилувањето во било која постапка или со било која одлука е ставено вон сила.
Судската практика на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), според експертите, покажува дека најчесто уредните барања пред судот завршуваат со пресуда во корист на тие што се жалат.
Токму поради тоа, за државата е подобро и поевтино да постигне спогодба, бидејќи оштетените странки со добар адвокат многу веројатно ќе ги добијат случаите во Стразбур, најмногу за една година.
Со аболицијата на Иванов од април 2016 беа опфатени 54 лица од предметите на СЈО. Најголем дел од нив обвинети во предмети на СЈО кои се уште се во судска постапка.