Денеска точно напладне во Кривичниот суд во Скопје ќе бидат објавени пресудите за предметот на поранешното СЈО насловен како „Насилство во Општина Центар“ или попознат како „Шамари во Центар“.
По вчерашните седумчасовни завршни зборови на одбраната и на обвинетите, содржани во стотина страници, на судијата Душко Јосифовски му беа „доволни“ само 19 часа за да ги прочита, анализира и мери и одмерува секој збор за да ја донесе пресудата. Ваквото брзање само потврдува дека целиот случај е политичи мотивиран, конструиран и монтиран и дека сега се потврдуваат шпекулациите оти пресудите се познати и треба само да се објават.
Оттука и клучното прашање дали екс-министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески како втопрообвинет ќе биде осуден само врз основа на една изјава на сведокот Томислав Лазаров, кого самиот во своите завршни зборови го именуваше како Нинџа 2, без никакви конкретни докази и аргументи?! И само затоа што, според перцепцијата на обвинителите Фатиме Фета и Гаврил Бубевски, Миле бил близок соработник и десна рака на поранешниот премиер и првообвинет во случајот Никола Груевски и истакнат член на ВМРО-ДПМНЕ.
А, препораките на повисоките судски инстанци влезени во сите прирачници и воспоставената судска пракса се децидни дека судска одлука не може да се темели врз исказ на обвинет во предметот, без постоење на други материјални и вербални докази. И токму тоа е случај со изјавата на Томислав Лазаров, поранешен претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ-Центар. Освен неговата изјава и тоа селективно одбрана од неговиот исказ, обвинителството не понуди ниту еден друг доказ и аргумент врз основа на кои ќе може да се осуди и Јанакиески и останатите обвинети. Да биде иронијата поголема, обвинителството не се ни обидело да земе предвид делови од изјавата на Лазаров, кои одат во прилог на Јанакиески.
Во своите завршни зборови и одбраната и самиот Јанакиески аргументирано тврдеа дека тој ниту прифатил, ниту давал насоки, ниту некого поттикнувал на било какво насилство. Зашто, ниту физички бил во состојба тоа да го прави, со оглед дека во тој период бил отсустен од Македонија и бил во Белград на заедничка седница на македонската и српската влада, а нити партиската хиерархија му го дозволувала тоа. Па, дури и самиот Лазаров во својот исказ вели дека консултациите ги вршел со тогашниот генерален секретар на партијата и тоа во насока на промена на дневниот ред за тогашната седница на Советот на Општина Центар, а не во насока на некакво насилство за што никогаш не станувало ни збор.
-Ако добро се анализира старото и новото обвинение ќе видите дека истото е адаптирано на исказот на осудениот Томислав Лазаров, па сè што и се ставаше на товар на претходно обвинетата Даниела Рангелова е директно префрлено кај мене. Во неколкуте материјални докази кои беа презентирани пред судот, кои се однесуваат на овој кривичноправен настан, воопшто ме нема. Моето име не е спомнато и во ниеден исказ на сведок, ниту обвинет во насока на какво било дејствие од моја страна, дека јас сум го поттикнал некого да изврши кривично дело насилство. Денес се судам за шлаканици кои не се случија. Даниела Рангелова се ослободи, осудениот Томислав Лазаров се договори, Никола Груевски замина и остана Миле да биде огласен за виновен за некој да може да поентира од овој случај, изјави вчера Јанакиески, според кого за случајот ќе одговара само тој, бидејќи Груевски е помилуван, а на Кирил Божиновски му е застарено делото.
Чудно е како од 80.000 снимени разговори на Јанакиески и околу 100.000 СМС пораки, обвинителството не нашло ниту еден дополнителен доказ за да го потврди своето обвинение. Овие податоци за прислушувањето на екс-министерот за транспорт и врски доаѓаат токму од поранешното СЈО. А, селективниот пристап на обвинителството во целост ги нарушува правата на правично судење и еднаквост на оружјата. Дотолку повеќе што ни обвинителството, ни Судот не прифатија ниту еден предложен сведок од негова страна и од страна на одбрфаната.
Во своите завршни зборови Јанакиески отворено го праша Судот дали во целиот предмет треба да се најде обично жртвено јагне, притоа изразувајќи разбирање дека некој мора да биде осуден за да се добие привидно чувство дека правдата некого стасала. Но, тоа што не може да го разбере, како што изјави, е за каква правда ќе може да се говори ако Судот ја темели својата одлука врз основа на перцепцијата и интерпретацијата на зборовите на Груевски во „аудио-бомбите“, што би претставувало враќање на вербалниот деликт. Но, во неговиот случај тоа би било едно сосема ново ниво на кривична одговорност, според кое тој ќе треба кривично да одговара за искажани зборови од сосема друго лице.
И, во крајна линија, прогласувањето на Јанакиески за виновен без никакви докази и аргументи нема да донесе никаква правда. Напротив, тоа би било само нанесување на поголема неправда.
-Во јавноста веќе се лицитира со бројка за ефективна затворска казна, бидејќи по звучност на име некој пред јавноста треба да биде прогласен за виновен дури и без ниеден доказ. Судија, очекувам исклучиво да ја исполните обврската и заклетвата која ја имате дадено и да донесете праведна одлука со ослободителна пресуда за мене, како што впрочем и сите факти и докази недвосмислено покажуваат, изјави вчера Јанакиески обраќајќи му се на судот.
За останатите обвинети, пак, чија бројка случајно или не остана на ниво само за да се оправда терминот „група“, не треба ни да се говори. Тие се само обични смртници или „ситна боранија“ за да може целиот предмет да добие „уметнички“ или подобро речено „политички впечаток“ за насилство. Но, нивните конкретни активности немаат ни „н“ од насилство кон конкретни лица и поединци. Единствено ако за насилство не се смета вртење сирена, удирање со рака по општинска барака или фрлање јајца, нешто што е составен дел од било кои протести во која било демократска држава каква што се стреми да биде и Република Македонија.
Според брзината на објавувањето на пресудата, тешко веројатно дека нешто допрело до свеста и совеста на судијата Јосифовски. Впрочем, денеска напладне ќе се види дали наместо право и правда одново ќе се соочуваме со нови „ќелеш тефтери“ во кои се содржани имиња на обвинители и судии, кои не можат да излезат од стегите на власта, без разлика која е таа.