Македонија 30. септември 2020. / 11:55

Дали е незаконски наставниците да ги гледаат децата на онлајн час?

Дали е незаконски наставниците да ги гледаат децата на онлајн час?

Голем дел од наставниците жестоко реагираа по обуките за онлајн предавањата на Националната платформа, тврдејќи дека едукаторите им дале јасно на знаење дека е незаконски да бараат од учениците до 16-годишна возраст да имаат вклучено камера. Велат дека им било укажано дека само децата имаат право да ја гледаат наставничката, но не и таа нив, објави Фактор.

Како ќе бидеме сигурни дека учениците тоа нема да го злоупотребат ако немаме слика дека присуствуваат на часот. Ученикот може само да пријави дека е тука кога ќе ги прозивам и повторно да легне да спие. Ова се дел од нивните коментари откако повеќемина наставници се обратија до Фактор за да добијат конкретен одговор дали наставата навистина ќе почне да се одвива на овој начин.

Сепак по барање на Фактор од Министерството за образование и наука одговорија дека станува збор за двонасочен процес.

Онлајн наставата не се снима и не се креира запис. Онлајн часот е како обичен час. Само овластени чинители имаат пристап до онлајн наставата, истите оние кои имаат пристап и кога се одржува настава со физичко присуство – МОН, Бирото за развој на образование, Педагошката служба. Вклучувањето во онлајн наставата е двонасочен процес, одговорија од МОН за Фактор.

Во однос на истото прашање националните обучувачи велат дека наставниците сосема погрешно разбрале и во разговор за Фактор, националниот обучувач, Никола Делевски многу конкретн одговор и целосно објаснување како ќе се одвива наставата на платформата.

Ставот на националните обучувачи е дека наставата преку платформата е двонасочна за време на часовите и тоа претставува конференциска врска меѓу наставниците и учениците. Камерите мора да бидат вклучени и на едните и на другите. Ако ученикот не вклучи камера ќе се смета дека е отсутен од час. Сепак, поради трошење, односно заштеда на интернет ресурси, учениците не мора за цело времетраење на часот да имаат вклучено камера, но наставникот има право да ги провери во секое време додека трае часот дали се присутни. Најверојатно наставниците грешно разбрале дека не смеат да ги гледаат учениците, бидејќи на обуките се зборуваше дека не е дозволено снимање на часовите. Ова значи дека никако не смееме да ги снимаме децата и тоа е според Кривичниот законик. Дури ни името на ученикот не смее да е видливо на екранот, но ќе повторам уште еднаш, ова се однесува само на снимање. Значи не е дозволено снимање, појасни за Фактор, националниот обучувач Делевски.