Доктор Никола Пановски вели дека доколку бил член на Комисијата за заразни болести ќе си дал оставка уште на 25 мај. Тој во емисијата „Топ тема“ изјави дека е јасно зошто не е дел од Комисијата.
Секогаш е во политиката така, сакаат да стават луѓе што ќе ги слушаат. Стај си го тој ти врши работа те слуша или луѓе што имаат некаков интерес – изјави д-р Пановски.
Тој истакна дека во справувањето со корона вирусот властите направиле две крупни грешки, пропусти со контролата на границите и пропусти во однос на верските празници.
Во врска со целовкупната состојба со корона вирусот во земјава се направени две крупни грешки. На почетокот ситуацијата со контролата на аеродромите и граничните премини, иако имаше време не беше ригорозна иако требаше, првиот бран беше од луѓето кои доаѓаа од Западна Европа. И вториот бран со верските празници со кои се дозволи поголемо ширење на вирусот. Да не се направеа овие пропусти ќе бевме како Албанија и Косово, да не зборувам за регионот каде што сме далеку и не може да се споредиме со европските држави кои добро се справија со состојбата – смета доктор Пановски.
Пановски изјави дека сега бројката е зголемена за пет пати, а кога се гледаше дека расте бројот им се дозволи на луѓето да се движат каде сакаат.
Жариштата се знаеја и требаше да се затворат, затоа што кога имате пожар го локализирате, не му додавате дрва. Со разлабувањето на мерките тоа е како на пожарот да му пуштаме ветер или да го раздувуваме – истакна д-р Пановски.
Пановски исто така истакна дека претходно на 30 случаи имавме полициски час од 13 часот, за разлика од сега кога имаме далеку поголем број случаи, а разлабавени мерки.
Можеби предходно имаше помалку заболени затоа што поселективно и помалку се тестираше – посочи Пановски.