Коронавирусот влезе и помеѓу медицинскиот персонал на Инфективната клиника. Директорката Милена Стевановиќ, која е меѓу заразените,вели дека се чувствува добро, нема симптоми и веќе во петок се враќа на работа, пренесуваат од „Слободен печат“ .
–Добра сум, немам симптоми и од петок се враќам на работа. Уште двајца лекари, мои колеги се позитивни на ковид-19, но важно е да се знае дека не сме епидемиолошки поврзани, односно не сме се заразиле еден од друг. По добивањето на позитивните резултати од тестирањето беа тестирани сите кои беа со нас во контакт, а го немале прележано вирусот. Нема никакви исклучоци, се почитуваат сите епидемиолошки процедури, нагласува Стеванoвиќ.
Таа потенцира дека медицинскиот персонал во клиниката строго се придржувал до мерките за работа во услови на пандемија.
-Да не ги почитувавме мерките за работа, да не носевме заштитна опрема и да почневме да се групираме ќе беше многу лошо, кој знае кад ќе бевме сега. Заразата се случи како резултат на намалена концентрација и преголем умор. За колегите не можам да кажам каде се заразиле, за себе знам дека се заразив на Клиниката, брзав и не внимавав како го соблекував заштитниот скафандер, вели Стевановиќ.
Во моментов на Инфективната клиника се хоспитализирани 87 пациенти, испишани се 4 пациенти, а примени се 9. На кислородна поддршка се 52, а два пациенти се на неинвазивна терапија.