Шумскиот пожар кој избувна на локација кај стариот пат кај село Бели-Пониква, утринава околу 9 часот е локализиран и изгаснат, соопштија од Центарот за управување со кризи, додавајќи дека извршена е проверка на теренот за можни остатоци на жаришта и нивно гасење.
-Дирекцијата за заштита и спасување заедно со локалната самоуправа на општина Кочани го координираше гасењето на пожарот со што е запазена постапноста во дејствувањето при вакви катастрофи со учество на околу 100 луѓе од ТППЕ Кочани, ТППЕ Виница, ТППЕ Штип, ТППЕ Кавадарци, ТППЕ Гевгелија, просторните сили на ЈП Национални шуми, просторните сили на локалната самоуправа на општина Кочани и други субјекти – се вели во соопштението.
Според очевидци, огнот бил забележан вчера околу 16 часот над селото Бели и поради ветерот и сувата вегетација брзо се проширил на поголема површина нискостеблеста шума, а зафатил и борова шума на околу петнаесетина хектари. На подрачјето се оштетени и овошни насади и повеќе пчелни сандаци, а постои опасност огнот да зафати и неколку викенд куќи во близина.
Вчеравечер на Фејсбук страницата на Ресторанот Осоговска куќа е објавено видео на кое се гледаат огромно пламени јазици во близина на патот. Авторот на видеото коментира дека нема пожарникари на теренот.