Македонија 01. февруари 2020. / 08:30

Црно–бела „Луј Витон“ елита или како се роди оваа Колумна

Црно–бела „Луј Витон“ елита или како се роди оваа Колумна

ПИШУВА: Ахил Големов

Скопје, навечер, загаденост во рекордни размери. А „Таткото“ на градот не парадира по улиците со маска на лицето, ами сокриен по кафулињата, глуми дека пие Пепси. Министерот за животна средина „не постои“. Тој е од ДУИ. Влегувам кај кумот на семејна прослава. Секогаш беспрекорно припремено, познати луѓе, но и секоја година има некои нови луѓе, пријатели што не ги познавам. Седнувам до скопски брачен пар, пријатна надворешност, млади луѓе на некои 35-40 години. Kако по протокол веднаш добиваме пијалок, се чувствувам пријатно, подигнувам чаша и по класичната здравица му наздравувам на пријателов до мене, се преставувам и почнувам да се интегрирам во средината, како да сум во Хамбург дојден од Чегране. Правам како сите други, не се двојам. Тераме уште два три круга вака и се оди како подмачкано, разговорот „лизга“, ред култура, ред спорт, помина околу час и половина, некој од присутните спомена некоја анегдота со политички предзнак и од „соседов“ што седи до мене со прилично дефетистички коментар слушам: „абе да се врати стара Југа, социјализмот беше мајка за сите, сега во Македонија не ги бива партииве, сите се исти“. Наеднаш „соседов“ ми сврти внимание, го загледав малку подобро, уреден дечко, темно црвена маичка со ликот на Че Гевера, врз неа тексас кошула „Левис“, на рака часовник „Тисот“ до него мобилен телефон „IPhone 11 Pro“, сопругата до него во слично издание. Го прашувам спонтано како се вика, што работи, ми врати набрзина дека се вика Славољуб работи во невладина организација, се бави со истражување, нешто со заштита на граѓански права, социјална кохезија, споменува некаков фонд, во слободно време свири бас гитара по кафулиња, живее во Капиштец на „Народен фронт“.

Почуствував некако потреба да му ја разбијам илузијава и му велам : „Славољуб, не се сите исти, тоа е невозможно, неприродно, дури и идентичните близнаци имаат различни отпечатоци од прстите, па двојајчаните дури имаат и различна ДНК. Од 7.6 милијарди жители на платенава, животни, растенија нема две што се исти. Оттука се пресликува и во општествата, по идеологија, религија, стандард, економски раст, историја, нема две исти општества,  данско или шведско капиталистичко општество не е исто со американско или канадско, една партија во Германија не е иста со ниедна друга таму“. Така, му велам и во Македонија леснотијата на ставање знак на равенство помеѓу ВМРО-ДПМНЕ И СДСМ е неприродна, неиздржана и тотално погрешна. Овие две се разликуваат по скоро сите можни линии!

Припадниците на ВМРО–ДПМНЕ се родољуби, републиканци кои ги води една јасна константа, кои ја црпат идеологијата од основачите на ВМРО, стара најмалку 127 години, слободна и независна Македонија, Македонија на Македонците и сите останати, „едно Македонско општество за сите“ со фокус кон западно–европските општествени уредувања, демократија, слобода на говор, претприемништво, лични, граѓански и религиозни слободи. Потомците на тогашните основачи и лидери на ВМРО и денеска се членови на ВМРО-ДПМНЕ (Поп Арсов, Татарчеви, Протуѓер..), а и овие ќе имаат свои внуци.

Економската логика на македонската конзервативна партија  се води од идејата на стимулирање на конкурентни национални и странски компании во Македонија во кој најспособните водат и се вработуваат во овие компании. Исклучиво ниски даноци односно рамен данок како главен предуслов за фер и конкурентно напредно стопанство. Инвестициски одлуки исклуиво според реални економски параметри, а не според политичка логика!

Припадниците на СДСМ се главно производ на една комунистичка партија од период на еднопартиската диктатура во Македонија, идеолошко едноумие и социјалистички ќор сокак на „работничко самоуправување“. Никогаш немале некоја јасна национална и економска константа што ги инспирира. Некој вид на квази носталгични „Југо-Унионисти“, луѓе што на ѕид уште го имаат југословенското знаме и Тито, скарани со македонската историја, религија, култура, традиција. Си мислев дека за нив АСНОМ–ска Македонија и одредбите  се света работа, меѓутоа во прва прилика и тоа брутално го масакрираа, а идеолозите  на ВМРО – Панко Брашнаров го отвора АСНОМ – како најголеми душмани без грам почит и достоинство ги ставија на тезга за пазарење!

Веруваа во планско стопанство, во кое планерите во владата решаваа кој и каде ќе работи, колку ќе произведува, по која цена и каде ќе се продава  во кое впрочем планерите беа сите назначувани од Партијата. Од ова се подразбира дека целта на ваква економска логика не е профитот, иновации, нови технологии, ами што повеќе вработени да има Партијата. Врв на ова деструктивна логика е прогресивниот данок кое е сурова казна за успешните компании односно земање од профитабилните компании за покривање на дупките во неуспешните компании се до нивно водење кон конечна инсолвентност и раграбување и тоа повторно од луѓе-менаџери поставени од Партијата. Врв на ова лицемерие, повторно и одново е продавање на псевдо социјал-демократија во Македонија, хуманост, грижа за социјално ранливи категории од квази „Луј Витон“ елита сопственици на јахти и вили на море, од водач на владеачка партија и држава кој е еден од најбогатите луѓе на Балканот!

Од овие причини, му велам, Славољуб да не се чудиш, во денешново предизборие ова ставање знак на равенство, силно потенцирање од страна на извесни медиуми и Партијата го прават  тенденциозно со цел да направат црно- бела слика, да продуцираат дефетизам, да го деморализираат гласачко тело, да го лажат,  неуспешните да ги повлечат успешните надолу на нивно рамниште за истиве да не се чувствуваат губитнички, мизерно, лажните ветувања и хохштаплерај и изневерените очекувања на граѓаните да бидат распределени „солидарно“ со вториве во манирот на „работничко самоуправување“.  Ова е изразено особено во изборни години каде што неуспешните немаат друг избор, немаат што да понудат и одат на проверена варијанта да создадат во медиумите црно-бела слика, една севернокорејска утопија дека сите се исти, дека успешните оние со сериозни дела зад себе се всушност иста партија само поинаку обоена. Целта на ваквата кампања е електоратот кој што е активен, трезвен, секогаш критички настроен, непартиски определен да биде вшмукан во еден ваков „балон“, односно  рационалното расудување, евалуацијата на дела, а не на лаги и измами да биде потиснат, замаглен, деморализиран, да остане дома на денот на изборите.

На овој начин неуспешните партии и квази елити сметаат дека во крајно талибански стил голем дел од финански-маргиналните лица ќе ги подмитат и придобијат, криминалното подземје ќе го ослободат и впрегнат во мисија, неинформираните лица (постари лица кои не користат социјални медиуми) ќе ги прелажат и на тој начин „нивните ќе ги стимулираат“, останатите ќе ги „задушат“, да останат по дома збунети, сметаат дека така исплашен, дефокусиран и дезинформиран народ најдобро ќе го манипулираат и ќе дојдат до некаков успех на изборите.

Ме ислуша Славољуб, се подзамисли, па ми вели, ќе го парафразирам, дека ова е можеби суштината на тоа што сега се случува, па и дека мора за сето да дознаат што поголем број на луѓе. И така се роди оваа колумна.