Веројатно денешната прес конференција на која открив незаконски постапки во кои грубо се кршел законот за јавни набавки, како и претходната прес конференција на која зборував за злоупотреби поврзани со набавката на пасоши и други лични документи, како и актуелните криминалистички истраги за други случаи е причина за паниката на Оливер Спасовски, па тој тргна во злоупотреба на министерството за внатрешни работи во партиски цели и објавување на спинувани информации во медимите, напиша министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев на „Фејсбук“.
Денешниот случај во кој официјалната веб страна на министерството за внатрешни работи е злоупотребена за објавување на партиски соопштенија напишани од страна на СДСМ прво говори за паниката во која тие се наоѓаат, а потоа е уште еден аргумент на моите тврдења дека наместо професионализација, Оливер направи груба партизација на Министерството за внатрешни работи, односно постави луѓе кои слепо му веруваат и ги почитуваат партиските директиви дадени од негова страна. Ваквите постапки не покажуваат ништо друго, туку говорат дека СДСМ е во паника од понатамошно објавување и споделување на сите криминали, наведе Чулев.
Попладневно, низ медиумите беа објавени, како што напиша министерот, низа шпекулации и невистини поврзани со наводна моја оставка во техничката влада.
Во оваа прилика сакам да му порачам на Оливер Спасовски, на партиските структури во МВР кои се поставени од него и на криминалните структури кои СДСМ ги поддржува, дека воопшто не размислувам за поднесување оставка. Напротив, до последниот ден ќе останам во техничката влада и цврсто ќе се борам против сите остатоци од неговото лошо владење во државата и криминалот и бескомпромисно ќе се залагам за чист изборен процес. Граѓаните треба бидат сигурни дека нема да потклекнам пред притисоците и заканите од СДСМ и криминалните групи и борбата против криминалот ќе продолжи со несмален интензитет, а за секое постапување во Министерството за внатрешни работи кое е спротивно на законите и законските процедури ќе следи соодветна дисциплинска постапка, објасни Чулев.