Македонија 27. април 2020. / 15:26

Чулев побара од Владата за 1. Мај да нема карантин

Чулев побара од Владата за 1. Мај да нема карантин

Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, на денешната седница на Координативниот штаб во Владата побара да нема карантин за празничниот 1 Мај, односно истиот ден полицискиот час да важи од 19 часот. Според техничкиот министер, за претстојниот викенд треба да важи истата мерка на ограничување на движењето како и изминатиот, односно да важи од сабота од 15 часот до понеделник во пет часот.

Во таа насока, а во пресрет на продолжениот викенд за 1 мај, сметам дека Владата треба да донесе одлука која ќе биде идентична на изминатиот викенд. Секое ограничување кое ќе биде построго и поригирозно негативно ќе се одрази на граѓаните. Граѓаните се одговорни, совесни и генерално ги почитуваат мерките за ограничување на движењето. Тие се свесни за ризикот кој го носи заразата од Ковид-19 и ги применуваат мерките за заштита на своето здравје – објави Чулев во дел од својот статус на Фејсбук.

Тој и понатаму стои на ставот дека шумите и планините треба да останат отворени во периодот кога е дозволено движењето за граѓаните, но тие да се користат за рекреирање, а не за групирање на граѓаните.

Апелирам до граѓаните да ги почитуваат одлуките кои се однесуваат на задолжителна употреба на соодветна заштитна опрема, а Министерството за внатрешни работи, односно полициските службеници и понатаму ќе стојат во првите редови во заштита на животот и здравјето на сите нас – вели Чулев.