Македонија 13. мај 2020. / 10:21

Чулев: Ќе постапувам во согласност со законите колку и тоа да биде „лудо“ во очите на политичари од власта

Чулев: Ќе постапувам во согласност со законите колку и тоа да биде „лудо“ во очите на политичари од власта

Во текот на вчерашниот ден ја прочитав изјавата на Шилегов во која го споменува моето име и да бидам искрен ниту сум изненаден, а ниту пак вознемирен. Денешната изјава е само одраз на вистинската личност на Петре Шилегов која во изминатиот период ја задскрива зад градоначалничка позиција глумејќи чесен и одговорен политичар, напиша министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на „Фејсбук“ како реакција на изјавата на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

-За мене е премногу ниско да се впуштам во коментирање на неговите изјави, затоа што тие не се достојни, а ниту се ниво за мое коментирање. Истовремено тие се параван за задскривање на неговата неспособност и некомпетентост. Само на кратко ќе констатирам дека доколку мојот чесен и одговорен пристап во работата и грижата за граѓаните и нивното здравје за Шилегов е „лудо“, тогаш слободно може да продолжи да ме нарекува така. Ако чесното, а не криминално работење за Шилегов е „лудо“ и тогаш може да ме нарекува така, додава Чулев.

Тој потенцира дека граѓаните за него се најважни и воедно информира дека министерството за внатрешни работи веднаш презело активност и случајот за кој тој обвинува е расчистен во целост.

Јавноста треба да биде сигурна дека и понатаму ќе постапувам исклучиво во согласност со законите и во интерес на државата и колку и тоа да биде „лудо“ во очите на политичари од власта воопшто нема да ме поколебаат во оваа моја намера, стои во неговата реакција на „Фејсбук“.