Македонија 28. декември 2018. / 22:51

Човек пред времето: Љубчо Георгиевски пред 3 години предвиде дека сѐ ќе заврши со амнестија

Човек пред времето: Љубчо Георгиевски пред 3 години предвиде дека сѐ ќе заврши со амнестија

Уште во април 2015 година, лидерот на ВМРО-НП, Љубчо Георгиевски предвиде дека на крајот „бомбите“ ќе завршат со амнестија.

Тој тогаш на трибината „Македонија во вртлогот на прислушувањето-Кое е решението?“ организирана од Центарот за разбирање и институционална соработка (ЦРИС) истакна дека длабоката криза ќе заврши со закон за амнестија.

– Македонија со правна завршница треба да дознае кој слушал. Многу е тешка ситуацијата во Македонија, а кризата е длабока и широка. Првата точка за да се разговара во Брисел е закон за амнестија. И двете страни се спремаат за период кога ќе има многу апсења, и ако влеземе во тој циклус, никогаш нема да излеземе од кризата и после некое време пак ќе дојдеме до тој момент да има амнестија. Може некој ќе ми се налути, но многу побрзо и полесно ќе се реши сè ако се договорат за тоа до каде таа треба да биде… Со амнестијата треба да бидат опфатени и тие кои учествувале во фалсификувањето на изборите. Ако тоа го нема, власта нема да попушти, па следните избори ќе бидат бетер – кажа тогаш Георгиевски, а објави МКД.мк и додаде дека е неопходна демократска транзиција, техничка влада која ќе гарантира дека изборите ќе бидат слободни и фер.

– Таа техничка влада ќе треба да има мандат да го демократизира општеството, ќе треба да ги реши и главните проблеми, прашањето со Грција и Бугарија. Ако таа експертска влада не го реши тоа, ниту една друга влада тоа нема да го стори. Сметам дека е добра идејата шеф на таа преодна влада да е и Албанец, а сите политички субјекти да демонстрираат сила и да се надмине оваа ситуација. Ако остане вака, не ни се пишува убава иднина, а може ќе има и конфликти, па затоа е потребно брзо изнаоѓање на решение – рече Георгиевски.