Скопјанецот, Борче Гиноски кој му се закани на новинарот Бранко Героски дека „ќе го бања во Вардар“ не е дел од обезбедувањето на СДСМ, но е член на партијата, каде бил повикан на разговор.
Една седмица пред првиот круг од последните претседателски избори, Гиноски објавил фотографија со членови на СДСМ, меѓу кои и портпаролот Костадин Костадинов кој претпладнево тврдеше дека не знае дали лицето кое се заканувало е член на партијата.
Гиноски на претседателските избори токму по предлог на СДСМ бил член на избирачки одбор во општината Ѓорче Петров на избирачкото место 2.581 – потврдуваат од Државната изборна комисија за една национална телевизија.
За овој случај во јавноста се крена голема прашина, па со јавни реакции и осуди излегоа Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Здружението на новинари и Синдикатот на новинарите и медиумските работници.
Попладнево, пристигна и јавно извинување за Героски. Заканувачот се огласи на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук, тврдејќи дека немал намера да се заканува.
– Сакам најпрво да се извинам и да соопштам дека не беше во таа насока кажано, ниту имав намера да се заканувам, јас сум човек што за време на режимот на Никола Груевски многу луѓе сум се обидувал да ги заштитам од насилство. Геровски е меѓу тие што беа напаѓани од поддржувачите на режимот и мојата порака беше во насока дека може токму од ВМРО-ДПМНЕ да биде нападнат, така делуваат они. Како и да е, настана недоразбирање, се извинувам лично до Геровски и до јавноста, немам намера ниту некого да напаѓам ниту да навредувам, ја почитувам работата на новинарите. Повикан сум во партијата на разговор, ова ќе го соопштам и таму, но сакам јавноста да ја знае вистината. – се вели во фејсбук статусот.