Македонија 03. септември 2019. / 17:02

Четврток седница за разрешување на Катица Јанева

Четврток седница за разрешување на Катица Јанева

Претседателот на Комисијата за избори и именувања Илија Димовски за во четврток ја закажа седницата на комисијата на која ќе се разгледува извештајот за разрешување на специјалната обвинителка Катица Јанева.

Димовски, смета дека нема причина седницата да се одвива зад затворени врати во случај кога предност треба да му се даде на јавниот интерес. Тој најави дека денеска ќе побара од претседателот на Советот на јавни обвинители извештајот да биде декласифициран.

Според законот и деловникот, појасни Димовски, членовите на Комисијата ќе одлучуваат дали седницата ќе биде отворена или зад затворени врати. За оваа одлука потребно е двотретинско мнозинство односно девет пратеници да гласаат за присуство на јавноста на седницата.

Димовски, информираше дека покрај препорака на Комисијата, за разрешување на Јанева потребно е согласност и од четирите најголеми парламентарни партии, бидејќи постапката е идентична како и за именувањето. Од вкупно 13 пратеници кои се членови на оваа Комисија, 10 поседуваат безбедносен сертификат и со тоа се исполнети условите за работа. Димовски информираше дека и доколку не се декласифицира извештајот, Комисијата има капацитет да одлучува веднаш.

По комисиското разгледување на извештајот и по претходна согласност на четирите партии со најголем број пратеници, Собранието на пленарна седница со двотретинско и Бадентерово мнозинство, треба да утврди предлог за разрешување на Јанева. Пратеникот Артан Груби од ДУИ вчера изрази уверување дека сите пратеници ќе гласаат „за“ разрешување на специјалната обвинителка.