По завршувањето на седницата за уставни промени, од страна на полицијата беа приведени четворица учесници на протестите против уставните измени кои, неофицијално, се обиделе да ја прескокнат оградата и да се упатат кон Собранието, пренесе Макфакс.
По завршувањето на протестот се обрати Драган Угриновски, еден од организаторите, кој рече дека ова за нив е успешен ден бидејќи не им дозволиле на пратениците да ги изгласаат уставните промени.
-Ова е успешен ден за Македонија, не им дозволивме да го изгласаат она што сакаа да изгласаат. И бидејќи не успеаја во намерата, сакаа да не испровоцираат со полицијата – рече Угриновски.
Од „Македонија-блокира“ најавија нови протести против уставните промени за утре, кои ќе започнат во 12 часот. На протестите пред Собранието се приклучи и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски заедно со пратениците од неговата партија.
Седницата за уставните промени продолжува утре во 13 часот, кога ќе започне дискусијата за поднесените амандмани.