Македонија 16. април 2020. / 00:58

Четири дена чекале резултати: Филипче целиот тим од интерното оделение во Битола го стави на ризик?

Четири дена чекале резултати: Филипче целиот тим од интерното оделение во Битола го стави на ризик?

Пациент кој лежел на итерното оделение во Клиничката болница во Битола е позитивен на корона вирус. Резултати пристигнале доцна вечерта во средата, а според фејсбук статус на доктор од болницата на нив се чекало четири дена.

Докторот, вработен во интерното оделение во болницата, оправдано револтиран, вели „не ми се потребни аплаузи, туку барав да се водиме по правилата и да се заштитиме во секој поглед“. Во статусот во кој тој го прозива министерот за здравство, Венко Филипче, вели „цел месец укажував дека не сме на ниво и еве дојде до тоа од коешто се плашев“.

– Нема да се помирам и да ја прифатам оваа лакрдија. Слободно казнувајте ме колку сакате, но неспособните да ги смените веднаш, пишува д-р Трајковски до министерот Филипче.

Во коментарите тој појаснува дека пациентот бил примен во петокот, а во саботата му бил земен брис. За тоа дека е позитивен д-р Трајковски бил информиран дури вечерва. Пациентот бил асимптоматски, но постоел епидемиолошки податок дека можеби е заразен со корона вирусот.

Заклучно со вторникот вкупно 122 здравствени работници се заболени со Ковид 19, покажуваат последните податоци кои ги соопшти министерот за здравство, Венко Филипче. Од нив седум веќе се излечени и се вратени на своите работни места.

Приватната гинеколошко-акушерска болница во Битола, „Плодност“ во вторникот ги отвори вратите за своите пациенти по двонеделна пауза откако во болницата беше констатирано дека еден од лекарите и друг медицински персонал се позитивни на корона вирусот, а болницата беше затворена.