Во видеоразговор со претседателот, Стево Пендаровски, директор на Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле, д-р Ангелчо Андоновски, информира дека во болницата се тестирани повеќе од 50 деца од кои четири биле позитивни на корона вирусот. Најмалите дијагностицирани деца биле на возраст од четири месеци, а најголемото на возраст од 15 години.
Како што посочи д-р Андоновски, во моментов во болницата во Козле се хоспитализирани три деца коишто се сомнителни на вирусот, меѓу кои е и бебе родено пред 16 дена. Според него, децата коишто заболуваат од вирусот, имаат лесни симптоми и поминуваа без никакви компликации. Како што истакна д-р Андоновски, тоа во најголема мера е резултат на физичката дистанцираност, односно децата седат дома со своите родители и не посетуваат градинка или училиште.
Според директорот Андоновски, Институтот за белодробни болести во Козле во овие вонредни околности функционира без проблеми и има доволно медицински и немедицински кадар. Меѓу вработените досега нема лица заболени од вирусот Ковид-19.