Претседателот Стево Пендаровски по повод одбележувањето на еврејскиот празник Јом Кипур, упати честитка до претседателката на Еврејската заедница во Република Северна Македонија, Берта Романо-Николиќ и до сите припадници на Eврејската заедница во државава, соопшти Кабинетот на претседателот.
Јом Кипур има уникатно место во еврејскиот календар. Една од клучните пораки на овој празник на покајанието, искупувањето и помирувањето е дека не е предоцна за да се сврти нова страница во животот, да се биде благодарен за благословите во сопствениот живот и да се биде благослов во животите на другите луѓе и во општеството. Вам, лично, и на сите припадници на Eврејската заедница во Република Северна Македонија од сè срце Ви посакувам овој „ден на деновите“ да го поминете во добро здравје, среќа и љубов. Молитвите и постот нека Ви донесат утеха, духовен мир, поттик за добри дела што ги рушат бариерите меѓу луѓето и заедниците. Малите дела на добрина, хуманост и солидарност можат да направат голема разлика, особено во време кога се соочуваме со глобалната пандемија со Ковид-19, посочува Пендаровски во честитката.
Затоа, потенцира, иако малубројна, Еврејската заедница со своите вредности има голем удел во негувањето на човечкото достоинство и заемното почитување во македонското мултиетничко, мултијазично и мултиконфесионално општество.
На овој празник посакувам и понатаму сплотени да работиме на просперитетот на нашата заедничка татковина Република С Македонија и да дејствуваме за нејзин просперитет и напредок. G’mar chatima tova, стои во честитката на претседателот Пендаровски до претседателката на Еврејската заедница, Берта Романо-Николиќ и до сите припадници на Eврејската заедница.