Оснoвниот суд Скопје 1 испрати барање до Министерството за правда да се декласифицираат доказите кои се со назнака „Доверливо“ за да може тие да се користат во судската постапка за 27 април, информира МКД.мк.
Овие докази се предложени од обвинетиот Митко Чавков и обвинетиот Душко Лазаров, а дел се и за обвинетиот Мунир Пепиќ, а судот требаше да ги прибави од Министерството за внатрешни работи.
Доказниот материјал кој судијката Добрила Кацарска го чекаше во текот на вчерашниот ден, бил доставен до судот вчера. Но, како што извести судијката, се работи за доверливи документи за кои постои постапка за да тие можат да се користат во текот на судска постапка, како и за пресуда. Министерството за правда треба да достави одговор до судот, каде што потоа ќе се донесе одлука дали и кои од овие докази кои ги предлагаат тројцата обвинети вработени во МВР ќе може да им служат во одбраната пред судот во текот на судската постапка.