Македонија 22. мај 2020. / 20:30

Центарот за јавно здравје тврди дека неколкуте новозаболени во Охрид и Струга не биле на литијата

Центарот за јавно здравје тврди дека неколкуте новозаболени во Охрид и Струга не биле на литијата

Повеќе од две недели по одржувањето на Ѓурѓовденска литија во Струга нема заразени од корона вирус директно поврзани со литијата. Во охридскиот Центар за јавно здравје не е регистриран нити еден заболен кој бил дел од свечената процесија, објави „Република“.

Во периодот од одржувањето на црковниот настан на 7. мај до денеска во Струга и струшко се регистрирани четири заболени лица: две од селото Подгорци, кај кои болеста се пренела од веќе заболено лице во кругот на семејството кој е фармацевт.

Останатите две дијагностицирани лица се од  градот Струга, а тие буквално не ги напуштале своите домови, затоа што боледувале од други сериозни болести. Едниот бил асамтичар и тој почина од корона вирусот на 18. мај, а другото е лице со хендикеп кое не може да се движи без придружба. Неблагодарно е да се каже каде овие изнемоштени лица се заразиле, но извесно е дека не биле дел од литијата, нити тие, ниту, пак, членовите на нивните семејства кои сега се во карантин, велат охридските епидемиолози.

Од Центарот за јавно здравје информираат дека ниту последните четири новозаболени во Охрид дијаностицирани во период од 16. до 18. мај не биле на литијата.

Ситуацијата со корона вирусот, будно се следела и во Дебарско-кичевската епархија.

Имаме право да бидеме информирани – велат свештените лица кои податоците го добиле од прва рака.

Тие велат дека не е време да се шират лажни вести зашто заразата не бира по политичка или верска определба и затоа е недозволиво да шпекулираат, особено носителите на власта.

Ова доаѓа како реакција на министерот за информатичко општество, Дамјан Манчевски кој вчера изјави дека дел од новозаболените потекнуваат од литијата во Струга.

Зошто да се шират лажни вести кога се спротивни на она што се изјавува од надлежниот министер. Сите тие статистики и бројки воопшто не се софпаѓаат со одредени изјави на одредени политички лица. Значи во Струга нема заболени. Поминаа толку денови, а во Струга нема заболени, има во Подгорци, едно лице во Враништа и толку – вели Отец Васко Голабоски, Старешина на Свети Ѓорѓи во Струга

Отец Васко потврдува дека тој како старешина на црквата Свети Ѓорѓи и уште неколкумина друго, биле повикани на информативен разговор во полиција.

Немам замерка на полицијата и обвинителството, прописите и начелата кои важат во вонредни услови како овие, мора да се почитуваат, но според мене во оваа ситуација не може да се одреди виновник. Тврдам дека процесијата беше добро организирана и контролирана од страна и на полицијата, бидејќи на литијата на која вообичаено има и по 10.000 луѓе, годинава имапе околу 300. Тоа впрочем стои и во извештајот од полицијата – вели отец Васко.