По препорака на Комисијата за заразни болести, Владата донесе целосна заврана за движење во Скопје, Куманово и Липково, Штип и во Тетово со околните општини Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце, што ќе трае од четврток (4. јуни) во 21 часот до понеделник (8. јуни) во пет часот.
Во останатите градови во Македонија, полицискиот час во четврток ќе почне во 21 часот и ќе трае до петок во пет часот, додека во петок, сабота и недела полицискиот час ќе трае од 16 часот до пет часот наутро наредниот ден.
Истовремено, петок се прогласува за неработен ден за сите граѓани во државата.
Одлуката на Владата опгфаќа и забрана за посета на гробиштата на цела Македонија од четврток во 21 часот до понеделник во пет часот, освен во случај на погреби.
Земјоделците ќе смеат да се движат во време на полицискиот час само за работни потреби.
Аптеките ќе работат непречено, како и здравствените установи.
Исклучоци од полицискиот час се припадниците на полицијата, армијата, вработените во здравствените установи, маркетите и рестораните за достава.
Сите издадени дозволи за движење издадени од претходно остануваат да важат. Термините за сопственици на миленици остануваат исти.
Забраната за движење нема да важи за лицата со попреченост и за нивните придружници, коишто треба да имаат соодветна документација.