Новата министерка за образование и наука Мила Царовска ја презеде должноста од досегашниот министер Арбер Адеми, којшто раководеше со овој ресор.
На примопредавањето, коешто помина во работна и пријателска атмосфера, Царовска и Адеми разговараа за тековните процеси во Министерството за образование и наука, како и за идните планови и предизвици.
Тие се осврнаа на заемната и искрена соработка во изминатиот период, посебно во делот на создавање инклузивно образование, на јакнењето на средните стручни училишта и пилотирањето на дуалното образование.
Царовска на средбата истакна дека нејзиниот врвен приоритет што истовремено е приоритет и на новата Влада е започнување на учебната година 2020/2021 во услови кога земјата се соочува со пандемија на Ковид-19 од светски размери.
Царовска на состанокот со Адеми рече дека ставот на новата Влада е да ја започнеме учебната година на први октомври со комбиниран модел на настава. За таа цел веќе се подготвени и усвоени протоколи за учење со физичко присуство, а во тек е и изработка на единствена национална платформа за учење на далечина.
Новата министерка за образование и наука истакна дека е свесна дека секој наставник, ученик, родител има свои желби и размислувања за тоа како треба да изгледа наставата, но треба да се најде балансот помеѓу заштитата на јавното здравје и учењето. Царовска рече дека со заеднички заложби е сигурна дека успешно ќе ја завршиме оваа училишна година.
На работната средба со Адеми, новата министерка Царовска ги најави нејзините приоритети и цели за четиригодишниот мандат.
Меѓу врвните цели се суштински реформи во основното образование, јакнење на средните стручни училишта, подобрување на оценките на меѓународните тестирања коишто ќе станат наша национална гордост и враќање на достоинството на просветните работници и нивна лична мотивација. Со секој од вас планирам лично да се сретнам, запознаам и разговарам, рече Царовска.
Таа на функцијата министерка за образование и наука доаѓа од позицијата вицепремиерка за економски прашања во Владата на С. Македонија, којашто ја извршуваше од почетокот на годината. Претходно Царовска беше министерка за труд и социјална политика којашто во период од неполни три години успеа да направи целосна трансформација на системот за социјална и детска заштита, но и да ги смести сите деца од институции во мали групни домови.