Потпретседателката на СДСМ и носителка на кандидатската листа на ИЕ 1 Мила Царовска заедно со Форумот на жени и женската младина на СДСМ на прес-конференција ги повика сите жени во државата да гласаат за коалицијата „Можеме“.
Почитувани сограѓанки, сега ви се обраќам директно вам. Ветувам дека во Собранието ќе продолжувам силно да се борам за поголема застапеност на жените во сите важни одлуки на сите нивоа во државата. Ќе се борам во име на секоја од вас, за заедно да напредуваме. Ги повикувам сите жени во нашата држава, независно за која политичка партија гласале во минатото на овие избори, на 15 јули да го дадат нивниот глас за партијата којашто во минатите 2 и пол години најправи најмногу за враќање на достоинството на жената и за унапредување на правото на жените. Време е за 50-50, за силни жени кои рамноправно учествуваат во создавањето на силно општество – порача Царовска.
Царовска истакна дека родовата еднаквост била обврска и приоритет минатите години. Донесен е нов Закон за прекинување на бременоста, со кој е вратено правото на секоја жена да решава за своето тело. Ратификувана е и Истанбулската конвенција.
Со носење на нов закон за спречување и заштита од насилство врз жените се трудиме насилството да биде казнето во секој чекор. Но, не застануваме тука. Ние рушевме стереотипи и препреки и се боревме за еднакво учество на жените секаде кај што се носат важни одлуки – изјави Царовска.