Министерството за образование и наука соопшти дека дебата за предложените реформи во основно образование денеска е организирана со академици од Одделението за општествени науки на Македонската академија на науките и уметности (МАНУ), на која присуствуваа министерката за образование и наука и заменикот, Мила Царовска и Арафат Шабани, членовите кои работеа на развој на концепцијата и претставници од Бирото за развој на образованието.
Главни теми во дискусијата, за кои МОН наведува дека се и најбројни меѓу пристигнатите забелешки, се динамиката со којашто ќе се спроведуваат реформите, како и претстојните обуки на наставниците.
-Од огромно значење е мислењето на академиците коишто доаѓаат токму од Одделението за општествени науки во процесот на носењето на реформата во основното образование. Денес, имавме работен состанок со претставниците од МАНУ во врска со предложената концепција. Продолжуваме со широкиот консултативен процес со сите засегнати страни, објави министерката Царовска.
Министерката посочи дека досегашните резултати од меѓународните и домашните тестирања покажуваат функционална неписменост кај ученици.
-Сите меѓународни и домашни извештаи и анализи упатуваат дека се потребни реформи со кои нашиот образован модел ќе се прилагоди на оној во земјите со современи образовни системи. Тоа укажува дека ни се нужни неодложни реформи во основното образование, ако навистина се грижиме за идните генерации и сакаме да фатиме чекор со современиот свет. На нашите деца им треба квалитетно образование коешто ќе ги донесе до врвот, рече Царовска на средбата.
Откако ќе биде донесена, планот е концепцијата да се имплементира постепено во период од шест години, почнувајќи во прво и четврто одделение од идната учебна година.
-За успешно спроведување на целиот процес, МОН и Бирото за развој на образование се обврзуваат дека реформата ќе ја дочекаат подготвени и ќе се направи максимум наставниците да ја поминат потребната обука, соопшти Министерство за образование и наука.