Македонија 21. јануари 2021. / 11:39

Царовска: Со хибридниот модел обезбедуваме успешна настава и во второто полугодие

Царовска: Со хибридниот модел обезбедуваме успешна настава и во второто полугодие

Министерката за образование и наука Мила Царовска денеска, по повод почетокот на второто полугодие, го посети средното уметничко училиште ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ во Скопје.

Наставата во ова училиште се одвива со физичко присуство и е приспособена на практичната настава на учениците.

Како што информира МОН, на состанокот со директорот на училиштето Филип Фидановски, Царовска истакна дека МОН според препораките на Комисијата за заразни болести ги обезбеди сите услови за непречена реализација на наставата во време на пандемија.

Веќе воспоставениот хибриден модел од првото полугодие се покажа како успешен и наставата продолжува по истиот модел, наведува МОН, со што се обезбедува континуитет на наставата, во интерес и на учениците, и на наставниците, и на јавното здравје.

– Директорот Фидановски ја информираше министерката дека учениците се подготвуваат за полагање на претстојниот матурски испит и најуредно се имаат пријавено во законски утврдениот рок, соопшти МОН.

На состанокот се разговараше и за реформите во основното образование кои се предмет на јавна дебата и во фаза на дефинирање, а директорот  Фидановски, посочува МОН,  ги поддржува реформските процеси во основното образование затоа што со нив образовниот систем се прилагодува на оние во најразвиените земји од светот и од Европа.

– Посетата беше искористена за да се видат условите за настава во училиштето и да се поразговара за можни инвестиции, додава Министерство за образование и наука во соопштението.