Македонија 07. декември 2020. / 14:05

Царовска: 90 отсто од учениците и наставниците ја следат наставата без проблем

Царовска: 90 отсто од учениците и наставниците ја следат наставата без проблем

По денешната пресконференција, во одговор на новинарско прашање, министерката Мила Царовска, истакна дека 90 отсто од учениците и наставниците без потешкотии ја следат онлајн наставата, а сподели и колку ученици и наставници досега се заболени со Ковид-19.

– Во неколку ситуации кажав дека 90 проценти учениците и наставниците без никаков проблем ја спроведуваат он-лајн наставата. Првото тромесечие помина без никакви поголеми проблеми, оценувањето се заврши, изјави Царовска.

Од учениците кои наставата ја следат со физичко присуство, Царовска истакна дека дека позитивни ученици на ковид-19 досега се 76, додека позитивни биле и 167 наставници.

– Поради тоа образовниот систем треба да продолжи да работи на начинот на кој беше започната учебната година или по планот и календарот кој што беше усвоен на влада и објавен во Службен весник, додаде Царовска.

На друго новинарско прашање дали по зимскиот распуст е можно сосема да се отворат училиштата според искуствата на некои земји од регионот, Царовска посочи дека тоа е одлука на здравствените власти.

– Ние мора да ја почитуваме нивната одлука зашто здравјето на граѓаните е на прво место. Многу земји ги отворија училиштата, но за кратко време ги затворија. Ние немавме таква ситуација, заклучи Царовска.