Новата концепција за основно образование ќе ги подготви учениците за сите идни предизвици. Ќе им помогне да ги развијат своите компетенции. Да станата успешни во својата професија, но исто така ќе им овозможи да ги откријат своите таленти и интереси, рече во воведниот говор министерката за образование Мила Царовска на презентацијата на новата концепција за основното образование.
Откри дека новиот концепт со интегрирани предмети во основното образование би стартувал во септември, и тоа со учениците од прво и од шесто одделение. Сукцесивно ќе се продолжува во останатите одделенија и би требало во период од 5 години целосно да се промени образовниот систем. Додаде дека од денеска почнува јавната расправа за концептот и дека ќе се слушнат мислења од сите засегнати, и дека сите може да се пријават на јавниот конкурс со цел да се дојде до најдоброто решение за сите.
– Со интегрираните предмети се спојуваат темите, и во исто време, наставниците по биологија, хемија и физика ќе предаваат една тема. На пример, кога ќе се учи за екологија и животна средина. На биологија ќе се учи за влијание на човекот врз природата и одржлив развој, на хемија за загадување, а на физика за обновливи извори на енергија. Се разбира дека ќе бидат потребни нови учебници. Нам и сега ни требаат нови учебници, а не пак со нов концепт на образование. Наставните програми ќе бидат изработени од наставници, универзитетски професори и советници од Бирото за развој на образованието. Во буџетот на државата има пари за нови учебници. Наставните материјали ќе ги изработуваат најискусните наставници и најискуснитепрофесори. Обемот на содржините во секој наставен предмет – што, и во која мера ќе се учи, ќе го утврди тимот за изработка на наставни програми, рече Царовска на денешнта презентација на нацрт-концепцијата во Владата заедно со работната група.
Најави и дека ќе се воведува задолжителен престој на учениците во училиште и тоа 5 саати од прво до петто одделение (3-3,5 саати во настава) и 6 саати од шесто до деветто одделение (4-4,5 саати во настава). Шест саати ќе биде задолжителен престој на наставниците во училиште.
Ќе има девет задолжителни предмети, а новина е дека учениците ќе може да бираат меѓу втор странски јазик и албански јазик.