Бугарија и Австрија даваат поддршка за што е можно побрзо решавање на спорот за името, но не се мешаат во процесот меѓу Грција и Македонија, изјавија амбасадорите на двете земји, објави Алсат М.
Заменик-амбасадорка на Бугарија во земјата, Даниела Боудинова, охрабрува да се најде решение, но вели дека стојат настрана од разговорите за да не им се наштети.
„Грција веќе е дел од европскиот клуб, а основното правило на ЕУ е консензус. Значи, ни треба консензус, ни треба одобрување од Грција и ова прашање треба да се реши бидејќи Грција е веќе дел од тимот. Се надеваме дека соодветно решение за двете страни ќе се најде наскоро“, изјави Даниела Боудинова, заменик амбасадорка на Р. Бугарија.
Ваков став има и амбасадорката на Австрија, чија држава ќе го преземе претседавањето на ЕУ од Бугарија од 1-ви јули.
„Оваа година е навистина важна од различни причини, за Македонија и Албанија, но во овој случај за Македонија да продолжи понатаму“, рече Ренате Коблер – заменик амбасадор на Австрија во Р. Македонија.
Инаку, следниот викенд на 12. мај во близината на Атина е најавена нова средба меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас. Потоа за време на самитот на ЕУ и Западен Балкан во Софија на 17 овој месец, не се исклучува и средба на премиерите Заев и Ципрас.