Дамјан Бучковски е последното кадровско решение на државната компанија МЕПСО. Дамјан е син на професорот Владо Бучковски, поранешен премиер и повратник во редовите на владеачката партија СДСМ, објави МКД.мк. Тој во компанијата е ангажиран со договор на дело. Од неодамна во МЕПСО работи и Фиторе Бејта Акику, ќерката на Невзат Бејта, поранешниот градоначалник на Гостивар од владеачката партија ДУИ.
-На последниот оглас за вработување објавен во согласност со Законот за работни односи, на работната позиција референт за набавки во одделот за комерцијални работи вработено е горепосоченото лице како најдобар кандидат од конкурентите на огласот – информираа од МЕПСО за нововработената Фиторе Бејта Акику.
Годинава АД ЕЛЕМ се вработи и Бесија Џафери, ќерката на претседателот на Собранието, Талат Џафери како референт за правни работи. Во ЕЛЕМ vo 2018 godina имаше работно место и за Димитар Грчев, син на архитектот и советник во Министерството за култура Мирослав Грчев.
Во април годинава се отвори работно место и за Јон Фрчкоски, син на професорот Љубомир Данаилов Фрчкоски, поддржувач на политиките на СДСМ. Јон Фрчкоски денес е помошник директор во АД за Стопанисување со станбен и деловен простор. Тој тука дојде од општина Центар.