Македонија 05. август 2019. / 11:44

Бродот нема капетан: Катица Јанева на одмор – замена нема

Бродот нема капетан: Катица Јанева на одмор – замена нема

Катица Јанева е на редовен летен одмор. Каде летува Јанева засега од СЈО за „Слободен печат“ не откриваат, иако во јавноста се рашири веста дека таа и нејзиниот син се видени на Халкидики во Грција.

Додека таа е на одмор има замена. Нејзината замена, сепак, ги нема законските овластувања кој произлегуваат од Законот за СЈО кои ги има Јанева, како потпишување документи, барања за истраги или финансиски исплати, туку има само административен, односно одржување на работната „кондиција“ во обвинителството, велат од Специјалното јавно обвинителство за „Слободен печат“.

Јанева е во првата група на летувалци. Во иста група со Јанева е и нејзината колешка и заменичка Ленче Ристовска. Штом Јанева или Ристоска се вратат на работа, на летен одмор ќе замине и втората група која ја предводи заменичката на обвинителката Бети Јосифовска која додека Ристоска и Јанева се на одмор „проформа“ раководи со работните активности во СЈО.

Летен одмор на Катица Јанева уследи во многу напнат и чувствителен период не само за неа туку и за сите вработени во СЈО. Се започна на 15 јуни кога по налог на Јавното обвинителство во аферата „Рекет“ беше апсен, а за брзо време и притворен Бојан Јовановски, познат како Боки 13. Истата вечер, додека тој се испрашуваше од судија на претходна постапка, по наредба на ОЈО, беше одземен мобилниот телефон на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева за вештачење. Ден по настанот, токму Јанева од субспецијалист од нејзината родна Гевгелија доби седумдневно боледување од стресот што го преживеала.

Во тој период ниту нејзините колеги од СЈО не можеа да стапат во контакт со неа. Како што изминуваа деновите на тајност, под опасност беа доведени низа адаминистративни документи, обвинителски барања или наредби, како и платите на сите вработени во СЈО, бидејќи според Законот за ова обвинителство, само шефицата на СЈО-во случајот Катица Јанева има овластување да потпише било каков документ кој ќе излезе од СЈО.

Откако сите медиуми трагаа по Јанева, а во меѓу време се крена голема врева каде е таа, сосема ненајавено, после седум дена боледување таа дојде во Скопје и одржа прес конференција на која кажа дека не ја злоупотребила функцијата, тврдејќи дека нема ништо со обвинетите од аферата „Рекет“. Не мина ни недела, Јанева одлучи да замине на летен одмор. Договорот за одморите, како што дознаваме бил договорен „џентлменски“, односно да има две групи кои ќе користат летен одмор, за да нема застој во тековната работа, дознава „Слободен печат“.