Парите рекетирани во Македонија барајте ги кај Зоран и Вице Заев, а не кај Бојан Јовановски.
Овие зборови на Бојан Јовановски-Боки 13 по изрекувањето на првостепената пресуда за аферата „Рекет“ никого не остави рамнодушен, барем меѓу оние кои се залагаат за вистинска борба против криминалот и корупцијата во државата и неказнивоста на претставниците на високите ешалони на власта. Токму овие две одредници се составен дел од сите извештаи и забелешки на меѓународните организации и институции за состојбата во македонското правосудство и неопходните реформи во него.
На денот на изрекувањето на првостепената пресуда за „Рекет“ јавноста дозна уште две други работи поврзани со Боки-13. Првата, дека во истражниот затвор Скопје во Шутка под принуда потпишал изјава во која тврди дека не се сретнал со екс-премиерот Зоран Заев и втората, дека од Судот бара дозвола на 25 јуни да му се дозволи да поднесе кривични пријави против лица за кои смета дека по разни основи се дел од криминалот и корупцијата во Македонија.
Судот немаше избор, и му го дозволи тоа.
Токму на денот кога Боки-13 беше во обвинителството, но уште пред да го даде исказот, на неговиот адвокат му се јавил непознат машки глас и почнал да му се заканува и да го навредува неговиот клиент.
-Ми рече нека пази добро што зборува таму каде што е дојден. Соговорникот, чиј глас не ми е познат, зборуваше чудно, изјави за „Република“ адвокатот Дукоски.
Очигледно, Боки-13 знае многу работи и токму тоа знаење ги вознемири и ги прави нервозни не само Заеви, туку и мафијата. Зашто, Заев се спомна и во друга аудио снимка, што беше објавена на интрнет поврзана со името на Ден Дончев, поранешниот директор на Фондот за здравство, кој од семејни причини неодамна поднесе оставка на функцијата.
И не само тоа, туку Дончев беше снимен како слободно си става во чанта пари. Работа на обвинителството е да утврди дали тие пари се од мито, заради трговија со влијание, или, пак, приватни нати-дајми релации на што се вади Дончев. За жал, обвинителството одбра да ја брани власта, наместо законот и остави некој друг да му ја врши неговата работа.
По се изгледа, и самото споменување на презимето Заев од било кого станува опасност за тој што ќе го спомене во било кој контекст, а особено во контекст на криминал и корупција. Зашто, веднаш се активира мафијата, што пак ја потврдува тезата дека секоја држава си има своја мафија, а само во Македонија мафијата си има своја држава.
Дали заканите по живот на Бојан Јовановски, што јавно ги обелодени неговиот адвокат се доволен аларм да реагираат надлежните институции од МВР, па до обвинителството, останува да се види. Кој му се јавил на адвокатот може да се дознае за миг, а тоа ќе е прв чекор за одмотување на евентуално клопче, што води директно до криминалното и политичко подземје.