Македонија 11. април 2020. / 08:15

Богослужбите за Лазарева Сабота и Цветници без присуство на верници

Богослужбите за Лазарева Сабота и Цветници без присуство на верници

Викендов не очекуваат големи празници кои го означуваат доаѓањето на еден од најголемите христијански празници – Велигден. Денеска се слави Лазарева сабота, додека во недела е Цветници, кој е предвесник на Велигден.

Но, оваа година одбележувањето на овие празници ќе биде само во најтесниот круг на семејството затоа што поради воведените мерки за заштита од ширењето на корона вирусот викендов има целосна забрана за движење.

Од Светиот Архијерејски Синод на МПЦ во понеделникот излегоа со соопштение во кое наведуваат дека нема да биде прекинат литургискиот богослужбен живот, но ќе се прилагоди на новонастанатите услови и вонредната ситуација, а до верниците апелираат да ги почитуваат мерките.

-Од таа причина САС на МПЦ – ОА повторно упатува апел за реално да се гледа опасноста од раширениот корона-вирус, кој веруваме, со Божја помош, ќе биде победен, доколку еднодушно и од страна на сите се почитуваат насоките, соопштуват од МПЦ.

Пикот на заразата со Ковид-19, според властите, во земјава се очекува кон крајот на месецот со што делумно се поклопува со празнувањето на Велигден. Оттука се и најавите дека строги мерки ќе се препорачаат и за Велигденските празници.

-Сега е време сите да се стрпиме, да издржиме, знам дека е тешко доаѓаат верски празници, но ова е период во којшто мора со почитување на мерките сите да инвестираме во сопственото, но и колективното здравје. Во однос на празниците кои се пред нас, ќе важи целосна рестрикција на движењето, сметаме дека во тие празници и за време на такви собири многу тешко ќе може да се исконтролира доколку има дозволено движење, така што ставот ќе биде да важат истите мерки како за викенд, рече во четвртокот министерот за здравство, Венко Филипче.