Откако им напишаа писма на повеќе амбасади во земјава, членовите на Културниот центар „Иван Михајло“ од Битола, кои себеси се означуваат како македонски Бугари, му се обратија и на претседателот Стево Пендаровски, повторувајќи ги оценките на Софија за „југомакедонистичките“ лаги околу Македонија.
Во писмото тие го напаѓаат Пендаровски затоа што изјави оти не гледа причина за промена на Уставот по изјавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи дека нема против и Бугарите да биле вметнат во него како етничка група.
„Не очекуваме Бугарија да побара од Вас да бидеме вклучени во Уставот. Таа нема да го стори тоа. На ова не инсистира Бугариjа, инсистираме ние. Ние, македонските Бугари ѝ ги дадовме на Македонија преродбениците. Ние ѝ jа дадовме Егзархијата. Ние ѝ ги дадовме великаните на македонската борба од Илинден. Ѝ ги дадовме Дамјан Груев, Гоце Делчев, Христо Татарчев, Тодор Александров, Ванчо Михалов. Ние не сме малцинство и нема да бидеме малцинство, туку државотворен народ, автентични Македонци со бугарски корен! Си го сакаме нашето место во Уставот и ќе го добиеме“, му пишуваат на претседателот од Културниот центар „Иван Михајлов“.
Тие му се зблагодаруваат на Бујар Османи што го дал предлогот, но се незадоволни што тој предлог бил одбиен и велат: „Нашите права не можат да се прокоцкаат како на покер“.
Тврдејќи дека „југомакедонистичката лага нема да ја направи Македонија слободна“, членовите на Центарот бараат од Пендаровски да ги отворел архивите на УДБА во Македонија и „југословенските окупациски документи поврзани со репресиите и тортурите врз македонските Бугари од крвавиот Божик 1945 година па наваму?“, нагласувајќи со истиот речник како и некои во Софија дека имало „масовни гробници на Бугарите во Велес, Делчево, Штип, Куманово“.