Безбедносната состојба на подрачјето на Дебар и Центар Жупа е стабилна, а полициски службеници вршат редовни патроли, при што не се регистрирани собирања на граѓани на јавни места, нема нарушувања на јавниот ред и мир и нема регистрирани сообраќајни незгоди.
Како што информираат од МВР, непречено се реализираат активностите кон лица што се ставени под мерки за самоизолација, здравствен надзор и домашна изолација.
– По основ на своерачно потпишана изјава за самоизолација и по мерката „здравствен надзор и домашна изолација“, се врши контрола на 164 лица во Дебар. Во општините Дебар и Центар Жупа без проблеми се реализираат мерките за контрола при влез на патнички и други моторни возила, како и активностите за дотурот на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини – велат од МВР.
Од министерството порачуваат дека сите правни лица кои вршат дотур треба да се најават во Кризниот штаб на фиксниот телефон 046/831 051 по што, нивните возила со полициска придружба ќе бидат спроведени до соодветните трговски објекти.
– Влезот е дозволен само на лица кои се жители на општините, а истовремено е оневозможен, односно строго е забранет излезот на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини – објаснуваат од МВР.
Од полицијата упатуваат апел до граѓаните, строго да ја почитуваат одлуката на Владата за забрана на движењето од 21 до пет часот секој ден, како и дисциплинирано да се придржуваат до сите останати препорачани мерки и насоки во врска со спречувањето на ширењето на корона вирусот Ковид-19, а сите правни и физички лица строго да се придржуваат до насоките на полициските службеници.
– Граѓаните, на бесплатниот телефонски број 08 0000 201 или на 192, можат да ги пријавуваат сите случаи на лица кои ги прекршуваат одредбите за задолжителна 14-дневна самоизолација. Сите оние кои ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик – посочуваат од МВР.