Македонија 05. јануари 2021. / 08:46

Без маски се славеше роденденот на Али Ахмети

Без маски се славеше роденденот на Али Ахмети

Без маски, без дистанца и без ниту една жена на масата, петнаесетмина високи државни функционери од ДУИ денес го славеле 62. роденден на лидерот Али Ахмети во „новиот дом“, како што ја нарече првиот вицепремиер Артан Груби, барокната зграда во која се смести Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи вечерва на социјалните мрежи објави фотографија од „новиот дом“ на првиот вицепремиер во кој се собрани челниците на ДУИ во една од просториите за состаноци во новата зграда, а подоцна на социјалните мрежи се појавија и слики на кои лидерот Али Ахмети сече торта во истата просторија.

На фотографијата се лидерот на ДУИ, Али Ахмети, претседателот на Собранието, Талат Џафери, првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, министерот за економија Крешник Бектеши, поранешниот министер за образование Арбр Адеми, министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерот за финансии Фатмир Бесими, министерот за животна средина Насер Нуредини и уште седуммина сопартијци.

На роденденската прослава, како што може да се види од фотографијата, нема ниту една жена, за што пишува и во еден од коментарите на Фејсбук кај Бујар Османи: „Соба на мажи, како во пештера“.