Министерот за економија, Крешник Бектеши уверува дека на претстојните локални избори неговата партија ДУИ ќе ги освои мнозинството општини со поголем дел албанско население.
– ДУИ е политичка партија која е најдобро организирана во Северна Македонија. Тоа го покажуваат резултатите од изборите и резултатите на институциите кои се раководат од страна на претставници на Демократската унија за интеграција. Дополнително, веќе започнавме процес во кој треба да креираме програми за централната и локалната власт. Во локалната власт програмите ќе бидат поконкретни со време и со износ на проектите и ќе се прават во консултација со граѓаните, вели Бектеши во интервју за МИА.
Консултацијата со граѓаните, посочи, веќе започнаа преку општинските ограноци на ДУИ.
– Во зависност од нивниот фидбек ќе ги креираме политиките. Ќе добиеме градоначалници во речиси сите општини со албанско мнозинство во скопскиот, но убеден сум и во полошкиот регион, потенцира Бектеши.