Амбасадорот на САД, Џес Бејли, на денешната трибина по повод денот на НАТО, порача дека Македонија има реална можност наскоро да биде дел од НАТО Алијансата.
По повод денот на НАТО, 4-ти април, денеска во Воениот музеј во Скопје е организирана трибина насловена „НАТО и ти“ во организација на Министерството за одбрана, Евроатлантскиот совет на Македонија , НАТО – канцеларијата за врски и хрватската амбасада во Скопје.
– Реалната можност Македонија наскоро да се приклучи кон НАТО е најголемата разлика кога зборуваме за земјата денеска во споредба со минатото, рече Бејли на трибината.
Членството во НАТО, според американскиот амбасадор значи дека Македонија ќе биде сојузник со останатите земји членки и додаде дека Алијансата е сојуз што се заснова на почитување на човековите прва и слободи, демократијата и владеењето на правото.
Бејли нагласи дека со влезот во НАТО ќе се надминат внатрешните политички поделби во земјата. Исто така тој додаде дека системските реформи што се воведуваат не треба да останат на хартија, туку практично да се имплементираат.
По трибината во Воениот музеј ќе биде отворена и изложба насловена „Република Македонија на патот кон НАТО“, која ќе биде отворена за јавноста и ќе трае неколку дена. Музејската изложба се организира и по повод 25-годишнината од донесувањето на одлуката на Собранието на Македонија за членство на земјата во НАТО.