По годината на храбро лидерство следат тешки стратешки одлуки за Македонија, компромисите во Договорот од Преспа не се лесни, но ова е историска можност за попросперитетна иднина, истакнува американскиот амбасадор во земјава Џес Бејли, во интервју за Гласот на Америка на македонски јазик.
Напоменувајќи дека Соединетите Американски Држави силно ја поддржуваат целосната имплементација на Договорот од Преспа помеѓу Македонија и Грција, Бејли вели дека Договорот ќе и овозможи на Македонија да го заземе заслуженото место во НАТО и во ЕУ и ќе придонесе за регионалната стабилност, безбедност и просперитет
– До демократски избраните лидери во Македонија е да направат тешки, стратешки одлуки кои Договорот од Преспа ги бара и да го одредат најдобриот курс за земјата. Соединетите Држави ја поддржуваат Македонија и она што граѓаните и лидерите на Македонија ќе решат дека е од најдобар интерес за земјата. Ние знаеме дека компромисите во Договорот од Преспа не се лесни, но ова навистина е историска можност за Македонија и за регионот, можност што ќе доведе до посигурна, побезбедна и попросперитетна иднина, вели Бејли.
Прашан дали се има план Б, во случај на неуспех во имплематирањето на Договорот, Бејли вели дека ако не се спроведе ова решение кое се бараше 25 години и за кое лидерите во Грција и во Македонија кажуваат дека од нивен суштински национален интерес, тој лично не гледа некоја остварлива алтернатива на повидок.
За американскиот амбасадор, амнестијата за лицата кои беа инволвирани во нападот на Собранието на 27 април е важна одлука, но Бејли подвлекува дека е важно оние кои ги организираа нападите да сносат одговорност, а за време на целиот овој процес судството да остане независно од политички влијанија
– Одлуката на Собранието да усвои Закон за амнестија е важна политичка одлука, усвоена низ еден транспарентен и демократски процес, што беше поддржан од големо мнозинство пратеници. На крај, мислам дека тој ќе се оценува според тоа дали успеал да изгради национален консензус, потребен за да се реализира желбата на мнозинството граѓани за членство во НАТО и во ЕУ, процес што ќе го зајакне владеењето на правото во земјата, истакнува Бејли.
Напоменувајќи дека светот драматично се промени во изминатите 20 години, Бејли потенцира дека Македонија, целосно интегрирана во НАТО и во ЕУ, ќе биде силен сојузник во конфликтот меѓу големите сили, кој повторно се враќа на главна сцена.