Македонија 02. април 2020. / 19:52

Бебето родено од мајката позитивна на Ковид-19 нема корона вирус

Бебето родено од мајката позитивна на Ковид-19 нема корона вирус

Бебето кое завчера е родено предвреме од мајка позитивна на корона вирусот е негативно на вирусот и е згрижено на интезивна нега на Клиниката за гинекологија.

По породувањето, состојбата на родилката од Куманово е стабилна и таа е сместена на Инфективната клиника.

На 31 март, неговата мајка поради отежнато дишење со намалена сатурација, беше веднаш префрлена и хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, од каде информираат дека нејзината состојба е стабилна, велат од кабинетот на министерот Венко Филипче.

Од министерството информираат дека 27 годишната родилка од Куманово била спроведена и породена во изолација, поради фактот што како суспектна на Ковид -19 и со упатна дијагноза која укажува на намалената плодова вода била најавена и испратена на Клиниката преку својот матичен лекар. При приемот, на пациентката освен комплетната лабораторија, веднаш ѝ бил  земен брис за Ковид- 19.

„На Клиниката за гинекологија и акушерство со пациентката е постапено по сите протоколи за прием на суспектен или заразен пациент како во однос на нега и третман, така и во однос на адекватна заштита на персоналот и изолација на пациентот“, стои во соопштението од министерството.