Македонија 01. август 2019. / 14:37

Бајрам: Најмалку се знае за ромскиот геноцид и затоа има потреба повеќе да се зборува

Бајрам: Најмалку се знае за ромскиот геноцид и затоа има потреба повеќе да се зборува

Ромите се најизложени на стереотипи и дискриминација, која неретко е забележлива и во изјавите на јавни личности, сметаат организаторите на одбележувањето на Денот во сеќавање на геноцидот врз Ромите во Втората светска војна.

Министерот без ресор Музафер Бајрам, задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во земјава, во обраќањето истакна дека најмалку се знае за ромскиот холокауст или параимос и затоа, рече, има потреба повеќе да се зборува за прогонот на Ромите. Укажа дека постојано се игнорира и не се санкционира говорот на омраза кон ромската заедница.

Зборот „циган“ не е слобода на говор, туку е говор на омраза. Тој претставува навреда за ромското население кое и ден-денес е изложено на стереотипи и дискриминација – рече Бајрам.

Toj нагласи дека сеќавањето на Ромите убиени во Втората светска војна е особено важно за да се разбере минатото и историјата на ромската заедница, која, како што рече, во голема мера е игнорирана и заборавена.

Нашиот регион е плодна почва за развој на национализам, верска нетолеранција и нетрпеливост. Не можеме да потврдиме дека лекцијата од холакустот е научена зашто историјата се повторува. Сведоци сме на многу немили настани на овие простори, но, за жал, многу лесно забораваме. Дискриминацијата и говорот на омраза кон Ромите ја има насекаде, најмногу по социјалните мрежи, но и во говорите на јавните личности во земјава. Позагрижувачки е фактот што нив ги одобрува јавноста – додаде министерот.