Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев потпиша договор за донација во висина од еден милион денари со првиот човек на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), Зоран Трајчевски.
Со договорот Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги му донира на Министерството за внатрешни работи средства кои ќе бидат искористени за набавка на средства и опрема за извршување на активностите на Министерството за превенција, спречување и ширење на корона вирусот.
– Oвој чин на донација од еден милион денари што Министерството ја добива од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во насока на натамошно обезбедување разни заштитни средства за потребите на полициските и други службеници на Министерството е еден одличен пример за меѓусебна поддршка и помагање во реализирањето на заедничките цели за заштита на нашите граѓани и на нашето општество – се вели во соопштението од МВР.
За Министерството за внатрешни работи овој потег на Агенцијата е значаен, не толку заради фактот што, како што велат оттаму, добиваат одредена финасиска поддршка, туку многу повеќе заради фактот што се почитува и вреднува улогата и досегашните напори на полицијата во справувањето со епидемијата.