Македонија 28. јануари 2021. / 13:06

Арсовски: МВР на чело со Чулев го реши „Јавна соба“ за еден ден, a Спасовски им се смее во лице на жртвите

Арсовски: МВР на чело со Чулев го реши „Јавна соба“ за еден ден, a Спасовски им се смее во лице на жртвите

Повторното појавување на случајот „Јавна соба“ е само резултат на неспособноста на СДСМ и на Оливер Спасовски, изјави денеска за медиумите, Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, во моментов Министерството за внатрешни работи со кое што управува Оливер Спасовски во жаргонски речник може да се нарече распашана банда. Впрочем, додава тој, ова го говорат граѓаните и секојдневно упатуваат поплаки, но за жал истите поплаки нема каде да стигнат и до кого да допрат.

„Последниот случај на неколку пријави од девојки кои биле жртви на „Јавна соба“ и кои јавно излегоа да говорат за тоа како биле избркани од МВР со образложение дека не можат да им помогнат, дека секое чудо траело за три дена, ќе ги заборавеле и дека немале надлежност, само говори за односот на Оливер Спасовски и СДСМ кон жртвите кои што не се само жртви на неколку илјади пазачи, туку се и жртви на неспособниот систем. Вистината е следна, а тоа е дека не им се работи, а можат случајот да го решат за само еден ден“, вели тој.

Арсовски вели дека за споредба, минатата година исто во јануари кога се појави случај со „Јавна соба“ за само еден ден беше расчистен бидејќи со МВР раководеше министерот Наќе Чулев и целото министерство го стави во функција на заштита на жртвите и затварање на групата.  Тој потсети дека тоа се случи за само еден ден.

„Денес, кога одат граѓани да пријавуваат злоупотреби поврзани со истиов случај „Јавна соба“ кој што повторно се појави и веќе трае можеби недела дена и повеќе, администрацијата на Оливер Спасовски ги брка. Граѓаните не се заштитени и не се безбедни со ваков министер и се оставени сами на себе. Затоа изразуваме поддршка за сите граѓани кои се жртви на овој систем на неспособност и ги убедуваме дека се додека е СДСМ на власт, ќе бидат само предмет на злоупотреба“, додаде портпаролот.