Денешното сведочење на Катица Јанева е сè, освен професионално водење на истрагата со цел откривање на нарачателите на рекетирањето, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
-Јанева доаѓа да даде исказ како сведок во присуство на адвокат. И тоа не било кој, туку адвокат на еден од таргетите во случајот ‘Империја’, случај кој што е конструиран по истекот на законскиот рок за постапување на СЈО, само и само за да се рекетираат бизнисмените, кажа Арсовски и додаде дека од ова не постои поголема иронија и поголемо потценување на интелигенцијата на граѓаните.
Партискиот портпарол посочи дека доколку Јанева сакала да ѝ помогне на истрагата тогаш ќе дојдела сама и ќе кажела сè што знае за нарачателите.
–Адвокатот ѝ треба само за да се прикријат дупките и за да се има контрола врз сè она што ќе каже, бидејќи очигледно Катица Јанева нема сама капацитет да отиде и да даде исказ во обвинителство, нагласи Арсовски.
Тој се задржа и на тоа како на сослушувањето Јанева дошла со службено возило и личен возач, со цел, како што кажа, да демонстрира сила и моќ, но посочи дека тоа е класична злоупотреба на ресурсите кои ги плаќаат граѓаните.
Според портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, очигледно е дека целта на Вилма Русковска не е да дојде до главата на октоподот.
-Нејзината цел е да се сокријат трагите кои може да доведат директно до Зоран Заев и до разно разните Кики, Фрики и Шеки од власта, порача тој, но додаде дека добра вест во целата приказна е што претстои обнова на Македонија и тоа многу брзо.
–Откако правдата ќе се врати одговорност ќе сносат и оние кои помагаа, но и оние кои што ги извршија сите овие случаи и оние кои што помагаа да се забошотат сите овие случаи. Одговорност мора да има, нагласи Арсовски.