Македонија 26. мај 2020. / 16:13

Арсовски: Избори во јуни не се можни

Арсовски: Избори во јуни не се можни

Избори во јуни не се можни, истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, oдговарајќи на новинарски прашања, тој ја отфрли можноста ВМРО-ДПМНЕ да учествува на избори во јуни образложувајќи дека има зголемен број на новозаразени од коронавирус.

„Она што можам да го кажам е дека за датум за избори ќе мора да се разговара консензуално, односно во моментот кога ќе се оцени дека е можно да се одржат изборите бидејќи најважно во моментот ни е здравјето на граѓаните, а не спас на нечија кариера на некој функционер од СДСМ“, рече Арсовски.

Запрашан за предлогот на Комисијата за заразни болести за олабавување на сите мерки, како и отворање на границите од 1 јуни, Арсовски рече дека ќе мора да ги согледаат сите аргументи што Комисијата ќе ги изложи.

„Еве, гледаме дека сите оние бројки што јавните здравствени установи ги излагаат во медиумите, значат дека, наместо да намалува корона-заразата, гледаме дека бројките се зголемуваат и, напротив, се шири во период додека дел од државите во регионот прогласуваат победа врз коронавирусот, ние гледаме дека кај нас во моментот се зголемува бројката на новозаразени. Сè уште, за нас, е несфатливо како е можно до вчера да имаме 58-часовен карантин, а од денеска Комисијата за заразни болести да предлага олабавување на мерките и практично како ништо да не се случило, но, како што реков, ќе мора уште еднаш да ги видиме аргументите, а во однос на притисокот за избори, како што реков, избори во јуни не се можни бидејќи сите бројки што ги гледаме на новозаразени упатуваат на тоа дека во моментот здравјето на граѓаните е најважно, а не спас на нечија политичка кариера“, рече Арсовски.