Денешната изјава на Заев за прочистување на судството, отчет на обвинителството заслужува коментар кој ќе ја прикаже вистинската слика на оваа Влада, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски на денешната прес-конференција.
„Сваровски судството и трас-трас обвинителството станаа главен сојузник на Заев и СДСМ, чистејќи му го криминалот изминативе 3 години. И после 3 години откако му го исчистија целиот криминал за кој што имаше и јавни докази, сега лажат дека ќе прават повторно прочистување, што уште еднаш покажува дека намерите се само уште повеќе да се стават под контрола судиите и обвинителите“, рече Арсовски.
Тој вели дека тоа е груба лага од страна на Владата на Заев дека ќе ги решат проблемите во судството и обвинителството.
„Имаа 3 години да направат прочистување на судството и обвинителството, велеа дека ќе ги разрешат сите судии, ќе прават ветинг, ќе реформираат, напротив, ништо од тоа не направија. Наместо тоа ниту еден судија не е разрешен, оние кои што го штитеа криминалот се унапредуваат како примерот со Кацарска, а реформите кои ги почна и самиот Заев како прв човек на телото за реформи во правосудството не направи ама баш ништо“, рече Арсовски.
Денешната изјава на Заев, вели тој, е само заплашување и уцена до судиите и обвинителите да бидат уште посервилни кон Владата и да го штитат криминалот на Заев и на тие околу него.
„Ниту некој од Владата има намера да ги реши проблемите, ниту пак ќе ги реши. Единствено ги интересира заштитата на нивниот криминал“, потенцира Арсовски.