Македонија 05. ноември 2020. / 15:12

Арсовски: Дали високи функционери на МВР правеле притисоци за прикривање на шверц на фирма блиска до Заеви

Арсовски: Дали високи функционери на МВР правеле притисоци за прикривање на шверц на фирма блиска до Заеви

Низ медиумите вчера излезе сериозна вест пропратена со слики, според која фатен бил камион со нецаринета брендирана роба, која вклучува и автомобилски делови, а крајната дестинација била скопската населба Шуто Оризари, посочи на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Тој јавно праша дали камионот кој ја превезувал робата е на блискиот соработник и пријател на семејството Заеви, кој имено е и сопственик на фирмата „Сакаов транс“, која пак е вршител на транспортот на робата.

„Дали робата која што се превезувала, за која што медиумите пишуваат дека е на фирмата ‘Винекс текстил’ е на блискиот пријател на Заеви и бизнис партнер во одредени бизниси на семејството Заеви, Крмзов кој пак важи и за близок пријател на братот на Зоран Заев, Вице Заев. Дали во моментите кога бил камионот однесен во полициската станица од страна на службените лица, превезувал нецаринета, односно шверцувана роба и дали има некаква белешка за тоа? Бидејќи службените лица за тоа и го застанале и го однеле во станицата“, се дел од објаснувањата кои во врска со овој случај ги побара портпарлот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој исто така посочи дека ова е вест како од времето на транзицијата, исполнето со шверц и криминал.

„Дали е вистина дека вчера откако камионот бил фатен со оваа роба која што неодицијално чини над стотици илјади евра, половина министерство за внатрешни работи, вклучувајќи ги и раководните структури на министерството се јавиле да интервенираат за камионот да биде ослободен и пуштен“, праша Арсовски и посочи дека во овој случај МВР е најповикано и доколку има вакво заташкување, сите оние кои што ѕвонеле да ургираат треба да одговараат.