Македонија 05. февруари 2021. / 14:41

Армијата промовира 65 подофицери од 120-те предвидени за оваа година

Армијата промовира 65 подофицери од 120-те предвидени за оваа година

После 11 години пауза денеска во касарната Илинден беа промовирани првите 65 подофицери од вкупно 120 планирани за оваа година или првата генерација на подофицери во Армијата како членка на НАТО.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска на промоцијата пред подофицерите рече дека иако кога стапила на функција не можела да разбере како е возможно се уште да имаме 500 непополнети места за подофицери во нашата формација, сфатила дека тоа не бил лесен залог.

-Ако до вчера имавме минус од 450 подофицери, со вашата група и со групата која продолжува веднаш по вас ние успеваме практично во овие три месеци да го решиме проблемот со 120 припадници, 120 подофицерски места кои веќе ќе бидат пополнети.  Сакам денеска  да кажам дека и лично како министер ќе се заложам секоја година да ја повторуваме оваа бројка и веќе по три години да можеме да кажеме дека целосно сме го обновиле подофицерскиот кадар во армијата и на тој начин да кажеме дека составот одговара на нашите потреби, истакна Шекеринска.

Министерката ги повика подофицерите да бидат олицетворение на армиските вредности и им порача дека тие се столбот на Армијата и дека нивната служба ќе остави силен впечаток врз нејзиниот професионален развој. 

-Вие го чувате моралот на војниците, вие го градите, вие го зацврстувате. Професионалноста и принципиелноста мора да бидат дел од вашата работа, бидејќи вие мора да бидете учители на своите војници, нагласи Шекеринска и порача дека 2021 година ќе биде година на модернизација на армиските сили и дека ги чека многу работа.

Заменик-началникот на Генераштабот на Армијата Азим Нуредини на подофицерите им порача  стекнатите знаења на основниот курс во потполност да ги имплементираат во единици каде ќе ја продолжат подофицерската кариера.  

-Со вашиот придонес и залагање како главни носители на процесот на обуката  уверен сум дека во понатамошниот период за секој постигнат успех на единицата, но и севкупно на Армијата ќе го препознаваме и вашиот вложен труд и успех. 

Најдобриот меѓу подофицерите, Николче Стојановски кој се истакнува со покажаните резултати рече дека е голема чест гордост и задоволство и дека сето тоа се должи на тимскиот дух, упорноста и нивната посветеност кон обуката.

-Од денес Армијата е побогата за 65 подофицери кои сме обучени според највисоките НАТО стандарди, а ние како подофицери ќе бидеме движечка сила која ќе стои рамо до рамо со останатите армии на НАТО Алијансата, истакна Стојановски и порача ова да биде предизвик и мотивација на останатите припадници да продолжат да ги исполнуваат стандардите како високо обучена армија. 

Првата група од 65 подофицери обуката ја започна на 28 ноември 2020 година, а заврши на 4 февруари додека пак втората група од 55 лица обука ќе започнат на 22 февруари. Обуката се реализира во Центарот за обука „Пепелиште“ од страна на искусни инструктори од Командата за обука и доктрини, Баталјонот за специјални сили и извидувачко – разузнавачкиот баталјон. Курсот за подофицери се состои од повеќе теми и тоа – подофицерски одговорности, воени вештини, лидерство и етика, општи воени знаења и практични форми на обука и ситуациони вежби.