Армијата од денеска се очекува да се вклучи во обезбедување на здравствените институции.
Ќе се обезбедуваат клиниките во Скопје, поголемите болници во главниот град, како и болниците во Тетово, Битола, Гостивар, Дебар, Куманово, Штип, Велес и други.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, по вчерашната средба со британската амбасадорка Рејчел Галовеј, изјави дека Владата го испратила барање до претседателот на државата и врховен командант на воените сили и очекува тој да го одобри.
Шеќеринска појасни дека ваквата заштита ќе функционира исклучиво на барање на здравствените установи.
– Подготвен е список од Министерството за здравство и по иницијатива на секоја од институциите ќе почнеме со распоредување на силите. Ќе бидат опфатени најголемиот дел од клиниките во Скопје и најголемите болници, како „8 Септември“ и другите во градов, и во поголемите центри, како Тетово, Битола, Гостивар, Дебар, Куманово, Штип, Велес. Сите што покажале потреба ќе добијат поддршка, истакна Шекеринска.
Таа појасни дека целта на ангажирањето на армијата е да се овозможи секоја болница, секоја клиника во Скопје да може да смета дека докторите, медицинските сестри и пациентите се заштитени и дека тоа е работа на полициајта и армијата сега.
Претседателот на државата и врховен командат на воените сили Стево Пендаровски, вклучувањето на армијата во обезбедување на здравствените установи го најави по прогласувањето на кризната состојба на целата територија во траење од 30 дена.
– Сметам дека ваквата помош и поддршка е повеќе од потребна за здравствените власти и за полицијата, коишто веќе деветти месец деноноќно се борат се пандемијата и се крајно исцрпени, напиша на „Фејсбук“ Пендаровски во саботата, дента кога се прогласи кризна состојба.